
Долгот на Фени 67, 5 милиони евра?
Од 161,3 милиони евра кои ги побарувале 1017 доверители на Фени, стечајниот управник оспорил 93,8 милиони евра.Вкупниот долг на комбинатот што тој го прифатил изнесува 67,5 милиони евра или нешто повеќе од 60 милиони евра колку што првично се проценуваше дека изнесува долгот на фабриката. Телма дознава дека најголем дел од доверителите или 251 се фирми кои пријавиле вкупно 123, 8 милиони евра но стечајниот управник признал само една четвртина од нив или 30,4 милиони евра. На две банки кои имаат статус на разлачни доверители прифатени се сите побарувања односно 36,5 милиони евра. Од 634 000 евра колку што биле побарувањата на 764 вработени за плата, јубилејни награди, прекувремена работа и К 15, стечајниот управник признал 572 692 евра.
Листата на утврдени и оспорени побарувања, за доверителите е достапна од 25 јануари и таа ќе биде конечна откако ќе измине рокот од 8 дена во кој оштетената страна може да се поднесе приговор. Според информациите на Телма дел од побарувањата на фирмата Нова Логистик се оспорени а фирмата Кунико побарува 52,4 милиони евра.
Апелацискиот суд ја отфрли жалбата на компанијата Кунико Ресурсис за стечајот во Фени па на 7 февруари ќе се одржи испитно рочиште за финансиско материјалната состојба и собрание на доверители. Тогаш треба и официјално да биде соопштено која компанија се јавила на огласот со кој се бараше домашен или странски инвеститор кој фабриката ќе ја стави во погон. Според информациите на Телма , единствен понудувач останува швајцарската фирма Фос Асет Менаџмент. Стечајот на Фени се отвори по барање на три банки чии побарувања се проценуваа на 40 милиони евра а вкупниот долг на кобинатот на 60 милиони евра.