
Снимките од бегството на Груевски преку Албанија автоматски се избришале?!
Обвинителите нема да ги видат видео – снимките од бегството на Никола Груевски преку албанскиот граничен премин. Албанија нема да ги достави, а образложението е дека, снимки всушност и не постојат, затоа што се избришале автоматски.
На прашањето, зошто албанските власти чекаа речиси два месеци за да го дадат овој одговор, Јовески вели дека меѓународната помош е сложена операција и се остварува по посебни правила за кои е потребно време. Не се знае дали поради ова може да пропадне и целата истрага, затоа што доказите се` уште се изведуваат, се сослушуваат и неколку лица, па дури на крај ќе се види што од сето тоа е клучно. Снимките од нашите гранични премини се` уште се анализираат во Обвинителството.
Во меѓувреме, во Собранието тече постапката за одземање на пратеничката плата на Груевски. Неколкумина пратеници од мнозинството побараа измена на законот за пратеници, со која, пратеник осуден на над шест месеци затвор, повеќе нема да има право на никакви привилегии. Тој нема да има право ниту на апанажа како поранешен премиер, бидејќи неговата последна функција му е пратеник.
Далиборка Дамјанска Цветановска