Доделени субвенции за печатени медиуми

Министерот за транспарентност, комуникации и отчетност Роберт Поповски денеска соопшти дека на 11 (од вкупно 13 пријавени) печатени медиуми им додели финансиски средства од вкупно 42.568.620 денари (околу 700-тини илјади евра).

Субвенциите се дел од проектот за помош на печатените медиуми со тоа што им се враќаат средства кои во 2017-та година се потрошени за печатење и за дистрибуција на весниците. Врз основа на доставените фактури на весниците на македонски јазик им се исплаќа сума во висина од 50 проценти од трошоците. За весниците на јазиците на другите заедници процентот на поврат е повисок и изнесува 70 %.

Пари добиле 5 дневни весници (два се на албански јазик), 3 неделници, два локални весници и еден весник на турски јазик.

Најмногу доби Слободен печат (14,3 милиони денари или околу 238 илјади евра), по него Вечер (околу 120 илјади евра), Нова Македонија околу 100 илјади евра, Коха ( околу 82.000 евра), неделникот Фокус (75.000 евра), неделникот Капитал (35 000 евра), весникот Лајм (17.000 евра), Заман на турски јазик (15.000 евра), Економија и бизнис (12.500 евра), прилепски Зенит 4.500 евра и Битолски весник (4.000 евра).

Еве ја листата на одобрените субвенции за печатење и дистрибуција на весниците:

  1. -Нова македонија 6 183 000 денари (100 000 евра)
  2. -Слободен печат 14 280 000 денари (238.000 евра)
  3. -Битолски весник 244.500 денари (4.000 евра)
  4. -Заман 903.022 денари (15.000 евра)
  5. -Зенит, Прилеп 288 000 денари (4,5 илјади евра)
  6. -Капитал 2.115.000 денари (35.000 евра)
  7. -Коха  4.930.000 денари  (82.000 евра)
  8. -Вечер 7.255.000 денари (120 000 евра)
  9. – Лајм 1.045 000 денари (17.000 евра)
  10. -Фокус 4.625.000 денари (75.000 евра)
  11. -Економија и бизнис 748.000 денари  (12,5 илјади евра)

На прес конференцијата се обратија министерот Поповски и претседателот на АПМ (Ассоцијација на печатените медиуми) Лирим Дулови. Беше истакнато значењето на субвенции за печатените медиуми.

Поповски тврди дека преку субвенциите не се врши поткуп на медиумите туку помош за опстанок и за нормално функционирање. Субвенции не добија весниците Порта 3 и Шења поради неисполнување на условите за конкурирање.

Сите весници мораше да имаат исплатено сите давачки и кон државата и кон вработените. Новоформираните весници отпаднаа затоа што за субвенција можеше да конкурираат само медиуми кои излегуваат подолго од три години.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ