
По снежните врнежи состојбата на патиштата подобрена
Ова е патот Катланово- Велес. Претпладнево беше прооден само по една лента, зашто другата не е исчистена. А, механизација чистеше само за да помине премиерот Заев, кој одеше на трибина во Велес. Поради излизгување на цистерни, ноќеска овој патен правец беше забранет за движење, но со престанокот на снежните врнежи и со порастот на дневната температура, забраната за тешки моторни возила е укината, велат од Авто- Мото Сојузот на Македонија. Од таму со одговор дека сите забрани за движење на патните правци се укинати, со исклучок на патот Тетово- Попова Шапка.
- Во моментот само патот Тетово- Попова Шапка има останато забрана. Последно во 13 часот и 15 минути се укина забраната и за патот Дебар-Струга, така што само патот Попова Шапка- Тетово е единствен кај што има забрана за автобуси, се уште, велат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег. На некои правци кои минуваат низ клисури и усеци, можна е појава на поситни одрони. Од „ Македонија пат“ апелираат на внимателно возење и прилагодување на брзината спрема условите на патот. Снегот кој повеќе од 24 часа вее на територијата на речиси целиот Балкан, прави проблеми во сообраќајот и застои на повеќе патни правци. Во Србија, каде висината на снежнта покривка е меѓу 15 и 40 сантиметри, на сила е црвен метео аларм, поради очекуваните нови снежни врнежи во јужните, централните и во западните делови на земјата. Според УХМР, во Македонија снег со слаб интензитет врне само во источниот дел од земјава, а провејува и во Крушево и Маврово. И дува северо-западен ветер , долж повардарието и на повисоките места. Се очекува врнежите да престанат во вечерните часови, велат од УХМР.
Сотир Трајков