„Наместо точак купивме инхалатор“ порака од протестите против загадувањето

„Сакам чист воздух за да може да дишам, да бидам здрав и да возам точак слободно“ – порача ова младо момче кое беше дел од протестот против аерозагадувањето, заедно со уште неколку стотици загрижени граѓани. Да се казнуваат големите загадувачи, а не граѓаните – гласно кажаа тие пред Собранието. Побараа надлежните да престанат да замижуваат пред отровите кои излегуваат од индустриските оџаци, а се понудија и да им помогнат во лоцирање на таквите.

„Да не оставаат децата најмали и оние што се најкритични да умираат. Секој ден умираат по четворица во оваа држава наша и никој нема слух за тоа. Големите загадувачи се оставени со години да прават пари, да прават профит на име и на сметка на народот. Тоа море да престане. Доколку тие не се способни да ги најдат и да ги лоцираат тие големи загадувачи, ќе им кажеме ние каде се. За рака со нас и ќе им покажеме. Од едно место на друго место. Тој загадува и има снимки за него“ кажа Кристијан Узунов од иницијативата „Канцерогено општество“.

„Дојден сум за своите деца и за своите внуци. Да имаат чиста околина, чист воздух и да не мора да бегаат од државата“ кажа Петре Жежоски, жител на Скопје.

Идејата за протестот се појави на социјалните мрежи, каде граѓаните се информираа и се мобилизираа за собирот. Иако најавуван како масовен, на улица не излегоа толку колку што преку фејсбук се најавија дека ќе присуствуваат. Нискиот одзив ги загрижи и организаторите од иницијативата „Канцерогено општество“.

За насобраните на протестот, итните мерки при енормна загаденост, како што е поскап паркинг, се несериозни. Велат дека така само се удира по џебот на граѓаните, а ефект нема. Се пожалија дека парите ги трошат на инхалатори и маски, а предупредија дека догодина концентрацијата на отровни ПМ честички двојно ќе се зголеми заради пасивноста на властите. Протестот помина мирно, а и покрај повиците на организитарот истиот да не се поврзува со политички партии, можеше да се забележи и по некое партиско обележје кај присутните.

 

Петар Догов

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ