Фрчкоски и Поповски: Сега постои поволен момент да се реши спорот за името

Сега постои поволен момент да се реши спорот за името, но тоа не би требало да имплицира промена на Уставот во членот за малцинствата, сметаат универзитетските професори Љубомир Фрчкоски и Владо Поповски. И Фрчкоски и Поповски во вечерашната Топ Тема на Ваша страна рекоа дека референдум за решение за името би било најдобро да се одржи во поповолен политички момент.

„Подготвеноста на двете страни да го решат името мора да се искористи, бидејќи не се знае кога ќе се повтори таа шанса“, изјави Поповски, кој пак за грчкото барање Македонија да се откаже од иредентизмот вели дека излезот е да се види што точно Грците мислат под иредентизам.

„Членот 49 од Уставот не може да биде тоа бидејќи е веќе уреден на барање на Грција“, вели Поповски. Според него треба да се прецизира и барањето за ерга омнес, бидејќи со Договорот меѓу двете земји не може да се даваат обврски кон трети страни, „некои земји може да се приклонат кон решението за името, а некои нема. Комично е ние да бараме некој да се приклони кон новото име“.

Според Фрчкоски за нашата страна во спорот приоритет е идентитетот, а името е второстепено. Смета дека за тој пакет е постигната некаква согласност и тоа повеќе во полза на Македонија, што е причина зошто има сега нервоза кај грчката страна.

Според Фрчкоски за спроведување референдум евентуално решение за името треба да се почека подобра политичка клима и дека тоа би можело да се направи истовремено со референдумот за прием во НАТО.

„Референдум ја штити владеачката гарнитура во одлуката и ја бетонира, но тоа треба да се случи во една друга политичка атмосфера. Можеби истовремено со референдумот за НАТО. Сега не“, е ставот на Фрчкоски.

Тој притоа вели дека секогаш кога се решаваат крупни проблеми се плаќа политичка цена, но таа не мора да биде лоша, туку може да биде и позитивна за оној што ќе ја донесе одлуката.

„Кога се решаваат вакви проблеми секогаш политичката цената е голема. Нема бесплатен ручек. Но мислам дека климата е сега поволна“, вели Фрчкоски.

За предлог-законот за јазици и Фрчкоски и Поповски во Топ Тема на Ваша страна изјавија дека тој не е противуставен и неговиот легитимитет произлегува од Охридскиот договор кој е инкорпориран во Уставот, но оти во него има грешки и недоречености.

„Проширувањето на втор службен јазик се проширува од државните органи и на други институции. Конфузијата настанува со тоа што проширувањето на употребата на втор службен јазик оди до таму што не се знае за кого се се однесува. Треба да се дефинира кои се тие установи кои вршат јавни овластувања. Некои од решенијата дури и форсираат и гетоизација“, вели Поповски.

За Фрчкоски делот од предлог-законот кој се однесува во употребата на албанскиот јазик во судовите доколку судија или обвинител се Албанци е скапа демократија и може судењата да наликуваат на меѓународна конференција.

И Поповски и Фрчкоски се согласни дека особено мора да се внимава во делот на санкциите околу неспроведувањето на законот.

„Законот има срцева маана и мора внимателно со него да се однесува, особено во делот на санкциите“, вели Фрчкоски.

Според Поповски санкциите во предлог-законот се изнудени од фактот што не се спроведуваа голем дел од постојниот Закон за употреба на јазиците. Но смета, Поповски, во тој случај треба санкции да се воведат и во Законот за употребата на македонскиот јазик, бидејќи ако се има право, треба да се има и обврска. Ако се воведуваат санкции за едниот јазик, треба и за другиот т.е. да се изнивелираат.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ