СДСМ на трети март ќе го избере својот кандидат за претседател

На 3-ти март годинава најверојатно ќе биде закажан Конгрес, на кој ќе биде избран кандидатот на СДСМ за претседател на Република Македонија – изјави вечерва Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, по состанокот на Извршниот одбор на партијата.

На Извршниот одбор, според Кирацовски, се дискутирало за актуелната политичка ситуација во државата, а бил разгледуван и предлогот за одржување предвремени парламентарни избори, заедно со претседателските.

На Централниот одбор СДСМ ќе ги разгледува сите предности и недостатоци за предвремени парламентарни избори и дали истите ќе одат во прилог на Република Македонија или не. Се надевам дека вечерва Централниот одбор ќе донесе одлука по ова прашање, а доколку не, Извршниот одбор ќе биде задолжен дополнително да ја извести јавноста за одлуката – рече Кирацовски.

„Закажаниот Централен Одбор на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија ќе продолжи со работа, Претседателот Заев, којшто поради временските неприлики мораше да слета на аеродромот во Софија е во ред и е на пат за Македонија.

Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија има органи,тела, и може да одлучува дури и без првиот меѓу еднаквите, оној којшто исклучително добро ја води нашата партија.

Извршниот Одбор на СДСМ заврши предмалку, и номинира повеќе точки на разгледување и дискусија на Централниот Одбор.

Првата точка е актуелната политичка ситуација во државата и разгледување на опциите за одржување на предвремени Парламентарни избори заедно со Претседателските избори, втората точка е отпочнување на постапка за избор на кандидат за Претседател на државата како и за кандидати за Градоначалници на Општина Охрид, Општина Ново Село и Општина Дебар, исто така тука ќе бидат утврдени правилниците, роковниците и критериумите за кандидирање, впрочем и целата постапка за избор на Претседател и Градоначалници на овие три Општини.

Исто така, она што за вас како временска димензија е битно , предлог одлука за свикување на 23 Конгрес  на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Извршниот Одбор до Централниот Одбор, предлага да се одржи на 03.03.2019 година.

Една од точките е предлог одлука за избор на Секретар за Меѓународна соработка, почитуваниот господин Дане Талески ќе оди како предлог за оваа значајна функција во нашата партија до Центалниот Одбор и една техничка за Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија операција, а тоа е одлука за пререгистрација на СДСМ, нешто што сите политички партии го прават еднаш на четири години.

И нормално, последната точка е тековни прашања кадешто нормално членовите на ЦО можат да номинираат најразлични теми, прашања и дискусии коишто се во интерес на функционирање на СДСМ и државата впрочем“.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ