
СДСМ пред две важни одлуки
СДСМ се наоѓа пред две важни одлуки: каков профил на претседател ќе протежира и дали ќе прифати предвремени парламентарни избори.
Во партијата мислењата се поделени. Еден дел од партиските функционери сметаат дека треба да се искористи моментот во кој, како што покажувале нивните анкети, СДСМ има подобар рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ, и да се обезбеди постабилно парламентарно мнозинство. Вториот аргумент е: успешни претседателски избори, односно, обезбедување на неопходниот цензус од 40 одсто излезност во вториот круг на 5 мај, односно, минимум 720 илјади гласови.
Подеднакво силни аргументи имаат и противниците на изборите за нов парламентарен состав. Велат дека тоа одзема време и енергија кои се неопходни за реформи. Предупредуваат дека неколку месеци целото внимание ќе се насочи кон Пржинска Влада и кампања за подобар Парламент, наместо да се зграпчи европската шанса и расположението во Европскиот парламент и Комисија. Никола Димитров, кој е министер во кабинетот на Заев, но не е дел од СДСМ, вели дека е време за фокусирање на стратешките цели а не на предвремените избори.
Димитров вели дека му е чест што неговото име се споменува во првата четворка за можен претседателски кандидат од СДСМ, но се уште е рано. Според неофицијални информации, анкетите покажуваат дека најпосакувани кандидати се Спасовски, Шеќеринска, Пендаровски и Димитров. Премиерот Заев потврди дека се испитува јавното мислење за десетина лица, но постапката формално се отвора вечерва во Извршниот и во Централниот одбор, а ќе финишира со Конгрес. Паралелно, ќе се консултира и коалицискиот партнер ДУИ, за да се обезбеди единствена поддршка на избраниот кандидат пред првиот круг, што треба да се одржи на 21 април.
Соња Николовска