
Пациентите мака мачат со осип на кожата, главоболка и слабост – морбилите ги наполнија болниците
За едно деноноќие на Инфективна се јавиле осум нови пациенти со симптоми како осип на кожата, главоболка, жед и слабост во телото. Двајца останале таму хоспитализирани, а шест се пуштени на домашно лекување.
„За едно деноноќие, на Клиниката за инфективни болести, хоспитализирани се два нови случаи на мали сипаници односно морбили. Во моментов, на клиниката имаме вкупно 20 пациенти со потешка клиничка слика предизвикана од ова заболување. Засега имавме само едно дете кое беше со полоша клиничка слика, но според најновите информации утринава неговата состојба е стабилизирана“ кажа Милена Стефановиќ, директорка на Клиниката за инфективни болести.
Двете деца кои се хоспитализирани се заразиле на Детската клиника. Се лекувале на хематоонколошкиот оддел, каде се третираат децата кои се најтешко болни. Со нив, се зголеми и бројот на пациенти кои во болнички кревет се лекувани од мали сипаници.
Директорката на Детска клиника потврди дека дел од лекарскиот персонал се заразил со мали сипаници. Сите биле вакцинирани – некои со една, а некои со две дози од вакцината МРП.
„До денес има осум вработени кои се заболени. Тоа е воглавно персонал и доктори коишто работат доле во општата амбуланта, посебно во тек на дежурствата и ноќните смени, со оглед дека има голем број на пациенти. Сите се вакцинирани. Тие што се после 1982 година со две вакцини се вакцинирани, а има и постар персонал кој што има примено една доза од вакцината“ кажа Катерина Ставриќ, директорка на Клиниката за детски болести.
Епидемијата која ја прогласи Министерството за здравство на 16 декември важи на територијата на Скопје. Засега, здравствените власти не го вклучуваат алармот за ширење на заразата и надвор од главниот град, иако вчера од тетовската Инфективна клиника објавија дека третирале тројца заболени. Сепак, од Здравство апелираат на масовна вакцинација. Поради тоа, во здравствените домови во Аеродром, Битпазар и Ѓорче Петров, дежурни екипи ќе вакцинираат 24 часа.
Петар Догов