
Вакцините ќе завршат во ѓубре, но тоа не значи дека тие се неисправни – тврдат здравствените власти
Агенцијата за лекови пресече – ќе се уништат вакцините кои имаат декларации со поминат рок. Повеќе од 600 вакцини на произведувачот Глаксо Смит Клајн од Белгија ќе бидат запалени на Дрисла. Од МАЛМЕД испратиле наредба до Македонија лек, да ги уништат најдоцна за три дена, и покрај тоа што и произведувачот, но и првите луѓе во здравството убедуваат дека тие се безбедни за употреба. Една вакцина МРП против мали сипаници чини 5 евра, со што повеќе од 3 илјади евра ќе завршат во депонија.
„Вакцината е исправна. Но, постои можност било какво оштетување, дури и на фолијата на лекот, да биде причина тој да биде прогласен како неисправен,“ сметаат од Агенција за лекови и медицински средства.
Од Министерството за здравство не знаат дали добавувачот Македонија лек ќе добие казна за вакцините со погрешни декларации. До крајот на идната недела ќе дознаат, откако ќе седнат на маса за да се договорат со првите луѓе од Агенцијата за лекови. Иако се појавија информации дека санкцијата може да достигне и до 70 илјади евра, од МАЛМЕД кажаа дека тоа не е точно. Македонија лек ќе треба да плати сума помеѓу 25 илјади и 50 илјади евра. Ставот на министерот Филипче е – добавувачот треба да ја плати највисоката казна која е одредена со закон.
„Во наредниот период ќе анализираме со МАЛМЕД. Малмед ќе одлучи каква казна следува за добавувачот. Сумата е законски пропишана,“ велат од Министерство за здравство.
Во меѓувреме, нови случаи на заболени од мали сипаници има и надвор од Скопје. Од Инфективното во Тетово потврдија дека тројца заболеле од оваа болест.
„Сите случаи ги испративме на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Не е дека тие случаи биле исклучително тешки или ние не можеме да ги третираме. Ние можеме да ги третираме, но проблемот е тоа што тие добиваат клиничка дијагноза, а не и етиолошка дијагноза,“ вели Халил Исмаили – Одделение за инфективни болести – Тетово.
Здравствените работници не вршат теренска имунизација во училиштата по пролонгираниот почеток на второто полугодие. Децата можат да се вакцинираат само во здравствените домови.
Петар Догов