Мајка и син загинаа во пожар во Битола

Мајка  и 17 годишен син изгореа во пожар што избувна утрово во нивната семејна куќа на улицата „Девеани“ во Битола. Трагичниот настан се случил околу 4 часот, додека мајката и синот спиеле, а таткото, инаку тешко болен, излегол во дворот каде се наоѓа тоалетот. Кога се обидел да влезе дома, пламените јазици веќе ја голтале малата куќа на Ангелови, раскажуваат соседите од кои таткото побарал помош. Веднаш ја повикале противпожарната единица, а во меѓувреме безуспешно се обидувале да го изгаснат огнот и да ги извлечат мајката и синот.

Tаткото се здобил со лесни повреди, изгореници на рацетe и е префрлен во битолската болница, а по интервенцијата бил пуштен.

„Син ми ме разбуди и ми вели горат соседите, Дарко и Тина, излегов на тераса и видов како гори куќата, а пожарникрите гаснеа“, раскажува една сосетка.

„Се изгоре, се пеплоса, телата на мајката и детето сега ги извадија пред малку“, рече друга сосетка.

Од противпожарната единица во Битола велат дека  веднаш по дојавата, на местото на пожарот биле испратени 2 возила и 5 пожарникари, но куќата веќе била пеплосана. Откако огнот бил локализран, внатре биле пронајдени мртвите тела на мајката и момчето.

„Со самото пристигнување на местото, пожарот веќе беше во развиена фаза на дејствување, покривната конструкција беше изгорена и урната во просториите каде беа жртвите“, изјави Костадин Поповски, командир на ТППЕ Битола.

Увидот на јавниот обвинител и полицијата траеше до 10 часот утрово, издадена е наредба за обдукција врз телата на настраданите. Причините за пожарот доплнително ќе се утврдуваа, за што е подигнат материјал за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираат од обвинителството.

Емилија Мисирлиевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ