Државата ќе се ослободува од неквалитетните горива што ги чува

Државата носи Закон преку кој ќе продава дел од државните нафтени резерви, кои се чуваат дури од 2015 година, без да се обновуваат, па со оглед на фактот што со нивното застарување е изгубен нивниот квалитет, има намера да се ослободи од овие количини и потоа да ги обнови со набавка на нови, со соодветен квалитет. На собраниската Комисија буџет денеска беа прифатени измените на Законот за задолжителни нафтени резерви, со кои Владата сака да ја озакони продажбата на дел од овие деривати по цена не пониска од 10 отсто од пазарната, наспроти друг актуелен закон спопред кој попустот би бил и до 50 проценти.

„Сегашните одредби во конкретниот случај се несоодветни, бидејќи би го довеле во прашање интегритетот на резервите и нарушување на внатрешниот пазар на нафтени деривати, а истовремено се и неповолни од причини што Дирекцијата ќе претрпи значителни финансиски загуби доколку ги примени попустите од 30 или 50 отсто, пропишани во наведениот закон“, вели Ширет Елези, заменик министерка за финансии.

Опозицијата, пак, праша, што ќе биде ако дојде до нафтена криза.

„Ако по истекот на трите круга нема негативно наддавање од страна на учесниците, директорот на Дирекцијата донесува одлука за поништување на усното наддавање. Значи, за 15 дена се влегува во нова постапка, што ако пак нема понудувачи, а дојде до нафтена криза“, вели Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ.

Но, факт е дека овие горива кои ќе влезат на пазарот на нафта и деривати, ќе го преплават со неквалитетни горива и ќе предизвикаат нелојална конкуренција. Се поставува и прашањето, дали е соодветен нивниот квалитет и дали воопшто смеат да се продаваат, пред се од аспект на законската регулатива , но и од аспект на на загаденоста на животната средина.

Од рафинеријата ОКТА за Телма велат дека иако тие не вршеле испитување, постои голема веројатност дека овие бензини се надвор од спецификациите, што значи дека имаат понизок квалитет.

„Многу голема е веројатноста дека полесните делови од производот се испарени, а исто така, можно е да се загадени и од влажност. Доколку производите се надвор од спецификациите, не е дозволено тие воопшто да бидат продавани на пазарот, па треба или да се помешаат со одредени адитиви за да дојдат до таа спецификација што е потребна, или ако се тотално надвор од спецификациите, треба да бидат повторно рафинирани“, вели Јанис Геруланос, директор на ОКТА.

Тој нагласува дека ова подобрување не може да се направи во инсталациите каде што сега се чуваат овие државни нафтени резерви.

Се поставува и прашањето зошто државата дозволи да се изгуби квалитетот на нафтените резерви што ги чува, и во тој контекст и дека е неопходно да се реши проблемот со надоместокот на приватните компании што ги чуваат, со цел тие да можат професионално да се гружат за овие нафтени деривати.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ