
Чизми и НАТО, двата фронта на одбраната
По презентација на набавените гуми, денеска и новите чизми купени за војниците на АРМ претрпеа инспекција од министерката Шекеринска.
ФОТО
(лево): Шекеринска и началникот на ГШ генерал-мајор Васко Ѓурчиновски денеска ги гледаа новите чизми за војниците на АРМ. Купени се 7 200 пара, за секој војник.
Пред неколку месеци Шекеринска заедно со генералите на АРМ ги пречека и новонабавените гуми за армиските возила (фото, десно). Таа презентација на купени гуми предизвика серија сатирични коментари и хумор на сметка на македонската одбрана.
Иако Македонија ги брои деновите до членството во НАТО и претстојните тешки обврски, новите чизми мора да се претстават затоа што претходните власти ги занемариле основните војнички потреби, тврди Шекеринска.
-Покажавме дека можеме да бидеме успешни на два фронта. И во делот на членството на НАТО и во функционирањето на армијата. Првото прашање што го добивав целата измината 2017-та година (од претставници на АРМ) беше дајте луѓе не купувајте суперсонични авиони (тука Шекеринска упати и поглед кон небото), дајте решете ни ги основните прашања. Основните прашања врзани со борбената готовност беа униформи и чизми и проблеми со мобилност на армијата затоа што немаше акумулатори и гуми за возила за транспорт, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Следно за купување се теренски војнички униформи, но следува и модернизација на опремата и оружјето. Прво ќе се донесе закон за набавки за потребите на армијата за да може да се купува опрема според НАТО стандарди и од НАТО земји. Дури после носење на тој закон ќе се забрза модернизацијата на АРМ, а меѓу другото ќе се купуваат и 38 оклопни транпортери. Претходните тендери за модернизација со нова опрема беа почнати па прекинати во време на претходниот министер Зоран Јолевски.
Шекеринска и врвот на АРМ ја разгледаа и опремата на воените специјалци. За потреби на ПсО (полкот за специјални операции) во наредните три години ќе бидат вложени 11 милиони евра.
Миомир Серафиновиќ