Катругалос: Грција има и правна обврска да стигне до решение

Овој договор беше постигнат благодарение на политичката храброст и раководството на Алексис Ципрас и на Зоран Заев, но и на преговарачката способност на Никос Коѕијас кој го постигна она што премиерот Самарас го сметаше за несфатливо, рече алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос во неговото обраќање во грчкиот Парламент за време на расправата за ратификација на Договорот од Преспа.

Катругалос истакна дека со Договорот од Преспа, за 110 проценти ги задоволува грчките национални цели од 2007.

-Договор покрива 110% од националните позиции, национално е корисен, го зајакнува меѓународниот авторитет на нашата земја и носи мир и стабилност во регионот, рече алтернативниот шеф на грчката дипломатија.

Катругалос објасни дека Грција има улога на Балканот за гарантирање на стабилност и мирот во регионот, а во исто време затвора спор за кој земјата има и правна обврска да стигне до решение.  Оваа правна обврска, додаде Катругалос, произлегува од резолуциите на ОН од 1993 и од Времената спогодба, а ја спомена и пресудата на Меѓународниот суд во Хаг за прекршување на спогодбата.

-Ужасно лицемерно и апсурдно е да сметаме дека е опасност за нас земја што има 17 пати помала економија од нашата и во суштина, непостоечки воени мерки. Со Договорот од Преспа, нашата земја се враќа на Балканот како земја што дава тон за мир, не за војна и распаѓање. На овој начин ја зајакнуваме нашата дипломатска позиција и целиот овој дипломатски капитал што го трошевме до сега за прашањето за името, сега можеме да го искористиме онаму каде што навистина се нашите основни национални прашања- на исток, рече Катругалос.

Во меѓувреме, со поддршка за Преспанскиот договор истапија денеска околу 250 грчки интелектуалци и уметници, кои го ставија својот  со потпис на Инцијативата за Договорот од Преспа на луѓето од уметноста и културата.

-Со Договорот од Преспа се затвори рана, која беше отворена речиси три декади. Тоа е чесен договор и ветувачки компромис, со кој се заштитува иднината на граѓаните на двете земји, преку мир, солидарност и соработка, се нагласува во Иницијативата за поддршка.

-Сложеното име со географска одредница (Северна Македонија) за севкупна употреба и со ревизија на Уставот, целосно ја покрива грчката позиција и истовремено во пракса ја демонстрира волјата на соседната земја за мирна коегзистенција на граѓаните на двете држави, се вели во иницијативата.

Грчките интелектуалци нагласуваат дека живееме во време кога во Европа се случува подем на екстремната десница и национализмот.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ