
Валканите и калливи улици – уште еден горлив проблем за Градот покрај аерозагадувањето
Додека властите бијат битка со загадениот воздух, ги запоставија валканите улици и тротоари. На почетокот на месецот падна снег, а од Градот броеја колку тони сол им се на располагање за да го исчистат. Снегот се стопи, но остан калта на влажните коловози и пешачки патеки. Комуналната служба не ги исчистила ниту најфреквентнети градски улици – Илинденска и Партизанска.
Од Комунална хигиена одговорија и се оправдаа дека чистат според нивниот стандарден распоред и програма. Тврдат дека ги исчистиле улиците и тротоарите.
Комунална Хигиена ги спроведува стандардните активности за чистење на јавните и сообраќајните површини кои се под надлежност на Град Скопје. Овие активности подразбираат метење, чистење и миење и се спроведуваат согласно оперативната програма за работа, велат од ЈП Комунална хигиена – Скопје.
Градските власти деновиве се фокусирани на друг исто така голем проблем за скопјани кои дишат екстремно загаден воздух. Во саботата воведоа итни мерки во борбата против аерозагадувањето, а денес ги укинуваат. Престанува бесплатниот превоз со автобусите на ЈСП и учениците утре се враќаат во училишните клупи. Властите сметаат дека веќе не е толку загадено за да важат мерките. Се враќа и старата цена на паркинг-местата, а градоначалникот Шилегов призна дека згрешил што поскапувањето важело и за пациентите кои паркирале на Клинички центар.
Вчера камерата на Телма сними градилишта на кои не се почитува забраната за градење и мајсторите работеа како и секој друг ден. Градоначалникот Шилегов се пофали дека тој не го загадувал воздухот затоа што на работа дошол со електричен автомобил.
Петар Догов