
Ципрас: Договорот од Преспа е историски чекор за цела Европа
Со видео во траење од речиси две минути, објавено на социјалните мрежи, грчкиот премиер Алексис Ципрас, на граѓаните им ги разрешува дилемите за Договорот од Преспа.
„Дојде време да ја дознаеме вистината, е пораката на почетокот од видеото во кое се користени инсерти од потпишувањето на договорот, а во продолжение и делови од договорот, со објаснување што всушност тие значат за Грција.
Видеото, грчкиот премиер го сподели на официјалните профили на Фејсбук и Твитер.
„Договорот од Преспа е историски чекор, не само за двете земји и за поширокиот регион, туку и за цела Европа. Ги зацврстува односите на пријателство, соработка и стабилност, напиша Ципрас споделувајќи го видеото. Паралелно, од Министерството за надворешни работи на Грција објавија текст во кој одговараат на најчесто поставуваните прашања од граѓаните во врска со Договорот од Преспа. А во комисијата за надворешни работи во грчкиот Парламент продолжи расправата за нацрт закон според кој се ратификува и стапува на сила Договорот од Преспа. Најавите се дека денеска треба да заврши оваа расправа, по што утре и задутре договорот оди на пленарна седница во парламентот, по што ќе следи и гласањето.