Итните мерки за некои градежници не важат – луѓето не се откажуваат од своите автомобили

На дел од градилиштата се почитува забраната за градење и работниците привремено се отсутни од скелињата. Сепак во центарот на градот има и такви градилишта каде се гради како да не е на сила мораториумот кој го воведоа надлежните. Нешто за што се пофалија и на фејсбук – дека инспекторите се мобилизирани бидејќи се прекинати сите градежни активности.

„Позади Старата железничка станица во центарот на Скопје на две различни градилишта крановите се во функција, а работниците работат во полн погон на отворено и покрај забраната односно мораториумот како привремена мерка против екстремното загадување на воздухот.“

Скопје се уште диши загаден воздух. Итните мерки на надлежните втор ден се на сила. Децата денес останаа дома наместо да се вратат во клупите и ходниците во училиштата. Граѓаните бесплатно се возат во автобусите на ЈСП. Сепак, дури ниту возачите не забележуваат драстична разлика и зголемен број на патници. Велат, ги превезуваат претежно истите оние кои редовно ги користат услугите на јавното претпријатие.

„Гужвата е вообичаено иста, има само некои од пензионерите плус бидејќи и денес им е гратис. Другото е исто“ кажа Љупчо Цветковски, возач на градски автобус на ЈСП.

Ниту жителите кои редовно се возат со автобусите не забележуваат повеќе гужва откако превозот е бесплатен. Велат дека ништо не им менува оваа мерка на градот, затоа што тие и онака имаат редовни билети.

„Се возиме, а кога не е бесплатен превозот не, бидејќи има контроли.“

„Сепак си одат луѓето со коли и не им вреди мерката. Нема гужва воопшто.“

„Имам секојдневна карта.“

Сликата на градските паркинзи не е ништо поразлична од онаа во обичните денови, иако сега едно паркинг место чини двојно повеќе додека важат итните мерки на властите. Речиси целите се исполнети, со по едно до две слободни места. Возачите гневни се и сметаат дека таа мерка нема да даде никаков резултат, само ќе ги удри дополнително по џебот.

„Оваа мерка не е никакво решение.“

Експертите за енергетика повикуваат, властите да се фокусираат на долгорочни решенија како гасификацијата. Сметат дека треба да се одвојат повеќе пари во буџетот за граѓаните конечно да се насочат кон енергетски ефикасните извори на енергија.

„При лимитирани, ограничени финансиски можности како може некој да инвестира и да купи клими па да може да потроши 1 киловат час, а внатре во домот да има 3 киловат часа. Државата не дава ниту поволни, ниту меки кредити. Нека даде бескаматни кредити, некој ако сака да направи фасада на својата куќа“ кажа Константин Димитров, претседател на Центарот за енергетска ефикасност.

Итните мерки на властите ќе важат се додека отровните честички се присутни во енормни количества во воздухот. Децата на училиште ќе се вратат во среда ако се намали загадувањето, а за бесплатниот превоз и траењето на мораториумот надлежните ќе одлучат дополнително.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ