
Грчкиот парламент в четврток ќе гласа за Договорот од Преспа
Грчкиот парлемент в четврток ќе гласа за Договорот од Преспа. Одлуката е донесена на состанокот на претседателот на грчкиот парламент со неговите заменици. Партениците дебатата за Договорот ќе ја започнат в среда во 10 наутро, а истата ќе се затвори четврток навечер, најдоцна во 2 по полноќ. Тајмингот ќе зависи од пријавените пратеници за дебата. Собраниската процедура за усвојување на Договорот во Грција ќе стартува денеска со расправа во Комисијата за надворешни работи, која треба да заврши до утре. СИРИЗА и во неа обезбеди мнозинство откако Спирос Данелис по напуштањето на партијата Река не е сменет како член на Комисијата туку продолжува како независен партеник. Со тоа СИРИЗА има 28 од вкупно 55 гласа во Комисија за Договорот.
Приближувањето на терминот на гласање за Договорот се повеќе ја вжештува политичката сцена во Грција. По распадот на пратеничката група на Независни Грци, денеска се распадна и пратеничката група на партијата Река, откако денеска уште двајца нејзини пратеници објавија дека ја напуштаат, поради несогласување со ставот на партијата околу Договорот за името. Со тоа бројот на пратеници на Река кои ќе гласаат за Договорот, но сега како независни пратеници се искачи на три. Се намали и пратеничката група на Движење за промена откако од неа е исклучен лидерот на Демократска левица, Танасис Теохаропулус, поради најавата дека тој ќе гласа за Договорот.
Додека траат пребројувањата кој од пратенците ќе гласа за Договорот кој не, до Грција стигна порака од Метју Нимиц, Грција да го ратификува Договорот од Преспа, како процес кој е во согласност со одредбите од Договорот. Посредникот од ОН во спорот околу името во писменото соопштение наведува дека Македонија ја исполнила својата обвска и ред е на Грција.
По известувањето на поранешната југословенска Република Македонија дека се завршени постапките за усвојување на уставните амандмани и домашните правни процедури за стапување во сила на Договорот, од Преспа, според неговите одредби, ратификацијата последователно продолжува во Република Грција. Со нетрпение го очекувам завршувањето на процесот како што е наведено во Договорот, пишува Нимиц.
Во меѓувреме поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, најави дека ќе го тужи лидерот на Независни Грци и поранешен минстер за одбрана, Панос Каменос, откако ќе помине гласањето за Договорот од Преспа. Тие влегоа во голем судир околу Договорот при што Каменос го обивни Коѕијас за корупција.
Тамара Грнчароска