
Договорот од Преспа се очекува са биде гласан неделава во грчкиот парламент
Договорот од Преспа станува мајка на битката меѓу левичарската Сириза и десничарската Нова демократија, оценува грчкиот печат. Договорот се очекува да биде гласан во грчкиот парламент во текот на оваа недела. Иако на премиерот Алексис Ципрас му е доволно просто мнозинство од пратениците кои ќе гласаат на седницата, самиот тој рече дека сака Договорот да добие апсолутно мнозинство од 151 пратеник во грчкиот парламент, за да не остави било каква недоумица за во иднина. За договорот ќе гласаат 145 пратеници на Сириза, двајца пратеници на независни Грци, како и четворица пратеници на политичката партија Река на новинарот Теодоракис, со што Ципрас речиси сигурно ќе достигне бројка од 151 пратеник.
Позитивно за договорот се изразуваат уште двајца пратеници кои најавија позитивен глас за договорот, така што веројатно е договорот Ципрас-Заев да го поддржат дури 153 пратеници на грчката Вули, од вкупно 300 пратеници.
Најавите за индивидуални гласања на пратеници како поддршка на договорот, предизвикуваат сериозни расколи во партиите Независни Грци, Река, но дури и кај социјалистите на Фофи Генимата, откако екс премиерот Јорго Папандреу позитивно се изрази за договорот, спротивно на ставот на партијата. Десничарскиот печат оваа индивидуална волја на пратениците ја нарече „Гласање на Данајците“.
Политичката криза околу договорот се вжештува, кулминираше со насилни протести на десницата на плоштадот Синтагма.