Инциденти на протестите во Атина, весниците со детали од Договорот од Преспа

Екстремно десничарски групи, поддржувачи на Златна зора, како и свештени лица, грчки митрополити и претавници од Света гора жестоко и насилно кажаа не за ратификација на Договорот од Преспа. На платото пред грчкиот парламент се случија бројни инциденти, каде со автобуси од другите делови на Грција пристигнаа уште илјаници граѓани.

Група маскирани лица со грчки знамиња веројатно припадници на екстремно десничарски групи се обидоа да го пробијат полицискиот кордон кај Споменикот на незнајниот јунак пред грчкиот Парламент.

Тие со тврди предмети, шишиња, чадни бомби и пиротехнички материјали ја нападнаа полицијата, која возврати со шок бомби и солзавец, додека опонетите на Ципрас држеа патриотски говори на бината. Иако закажан за 14 часот по локално време, граѓаните уште два часа претходно почнаа да се собираат пред грчкиот Парламент. Тие носеа грчки знамиња и плакати со пораки „Македонија е грчка”, „Референдум сега” и „Овој Договор е предавство”. Еден час пред официјалниот старт на протестот, на помалку од еден километар од грчкиот Парламент, анархистички и антифашистички здруженија и групи организираа контра собир против „националистичките протести“. Според грчките медиуми денес Атина е под драконски безбедносни мерки ангажирани се над 1.500 полицајци, дронови и хеликоптери. Грците на протест на плоштадот „Синтагма“  ги собра т. н. Комитет за одбрана на грчкиот карактер на Македонија за да им кажат „не“ на парламентарците кои до крајот на неделата на пленарна седница треба да го ратификуваат Договорот од Преспа.

А грчките весници денеска осамнаа со деталите од договорот на насловните страници

„Авги“, весникот што важи за гласило на СИРИЗА има интервју со грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој вели дека договорот е историски чекор за двете земји, а ратификацијата е патриотска должност.

Весникот „Реал њуз“ има интервју со вицепремиерот Бујар Османи, под наслов „Грција е главниот гарант за нашите евроатлантски амбиции“.

Весниците „Етнос“ и „То Вима“, под насловите „Тајните на Преспа“ и „Во стапицата на Преспа“ ги анализират последните случувања на грчката политичка сцена во пресрет на ратификацијата на Договорот.

Десничарско ориентираниот, опозициски весник „Прото тема“, пренесува резултати од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата за рејтинг „Марк“, според кое 66 отсто велат „не“ за Договорот од Преспа, а 67.4 отсто од испитаниците бараат избори најдоцна до мај.

Во пресрет на ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот Парламент, атмосферата во Грција е вжештена.

Закани преку телефон добиваат пратениците кои го поддржуваат решението меѓу Македонија и Грција, а плакати со нивни фотографии се залепени по улиците на Атина.

 Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ