Затвореници во штипскиот затвор се затвориле во просторија бидејќи им биле одземени мобилни телефони

Осуденици од штипскиот Затвор вчера се забаракадирале во еден од дневните престои на првото затворско крило. Станува збор за петмина затвореници, кои цели два часа го изразувале револтот, а се снимиле и на мобилен телефон. Снимката за она што се случувало во затворот веќе е и објавена на социјалните мрежи. Раководството на Затворот претпоставува дека причината за вчерашниот искажан револт е што токму вчера чуварите при претрес  околу 15 часот и 30 минути им пронашле и одзеле три мобилни телефони и пет сим картички. Директорот на Затвор-Штип, Мики Тодоров вели дека се уште незнаат зошто осудениците го изразвувале револтот на овој начин,а ќе се дознае откако денеска ќе им бидат земени изјави.

  • Осудениците ништо не сакаа, туку на овој начин го изразуваа револтот. Ние како раководство гледавме на мирен начин, без употреба на физичка сила да се реши целата ситуација. Со нив преговаравме околу два часа, за да на мирен начин излезат и ја отворат вратата, да немаат некакви последици, бидејќи повикување на бунт е казниво од шест месеци до три години затвор, вели Тодоров.

Некои од осудените лица додека биле во дневниот престој се самоповредиле со жилет или стакло, по што откако излегле од просторијата им е дададена и медицинска помош, а на двајца раните им се зашиени во штипската Клиничка болница.

На снимката се слуша како еден од осудените лица вели дека во штипскиот затвор немале никакви права.

Тодоров на ова вели дека напротив ги имаат сите права, а поседувањето на мобилен телефон е строго забрането во затворските установи.

  • Доколку им се нарушени правата, осудените лица слободно ги упатувам да напишат претставка до Народниот правобранител, за да се утврди дали им се нарушени или не правата, вели Тодоров.

Ова е прв ваков случај во штипскиот Затвор,пред неколку години  имаше изразување на револт од осудениците, со тоа што се качија и седеа на кровот од затворот.

Викторија Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ