
Тевдовски: Враќањето на довербата на инвеститорите – клучна придобивка од НАТО
Враќањето на довербата на инвеститорите е клучната придобивка која министерот Тевдовски ја очекува од забрзувањето на патот кон НАТО како најсилна безбедносна алијанса, но и кон Европската унија, откако земјава го заврши својот дел од Преспанскиот договор. Тоа за нив ќе значи сигнал за стабилност. Студии за земјите од регионот покажале дека членството во НАТО двојно го зголемило економскиот раст, тоа довело и до подобар животен стандард.
Кога инвеститорите имаат доверба, тие ќе вложуваат, ќе отвораат нови производствени капацитети, ќе отвораат нови работни места, а конкуренцијата ќе прави тие работни места да бидат подобро платени. Искуството на земјите во регионот, на пример Бугарија, покажуваат дека најсилниот канал на првични економски бенефити е преку странските директни инвестиции, кои во просек, ако се гледа некој период од пет години пред влезот во НАТО и пет години после, се двојно зголемени како процент од БДП, во Бугарија се и повеќе од двојно зголемени, од околу 7 отсто од БДП, на 19,8 отсто, вели Драган Тевдовски, министер за финансии.
Во таа насока го гледаат и днешниот став на Итон Ванс, финансиски инвеститор, кои земјава ја гледаат како една од најатрактивните инвестициски дестинации во Централна и Источна Европа. Поголема доверба, вели за Телма првиот финансиер, веќе се чувствува и кај домашните фирми. Тоа закрепнување почна од минатата година, паралелно со посилната извесност за НАТО, за што доказ е и двојното зголемување на кредитирањето на компаниите. Дали власта е подготвена за домашните задачи. Финансии, вели министерот, спроведоа повеќе промени, даночната и пензиската реформа, системот за јавни набавки, за социјални трансфери, како и фискалната транспарентност, но мора да продолжиме со подобрување на услугите за граѓаните. Но што е со клучните реформи – за борба против криминалот и корупцијата?
Многу брзо ќе го објавиме и веб сајтот кој трезорот, односно извршувањето на МФ ќе го покажува на граѓаните, што е радикална форма на транспарентност, која постои и во Словенија. Тоа се чекори што ги правиме против корупцијата и подобрување на ефикасноста на јавните трошења, што е клучно. Така е во сите земји кои се движеле низ овој процес, секогаш кога ја отворале транспарентноста, кога јавноста знаела како се трошат нивните пари, тоа правело притисок за поголема ефикасност, вели министерот.
Можат ли евентуални предвремени парламентарни избори да ги нарушат позитивните очекувања, Тевдовски вели дека е клучно Владата да го искористи позитивниот момент и оптимизмот, за да се создадат поволни услови за работа на домашните компании.
Нина Нинеска-Фиданоска