
Дали нов Закон за градење ќе отвори простор за ширење на градежната експанзија во Центар и Карпош?
Екологистите ја обвинија власта дека се меша во законите за да ги штити интересите на градежните компании. Предупредија дека се подготвува нов закон за градење со кој ќе им биде дозволено на фирмите да ги разработат багерите и да градат во Карпош на укинатите ДУП-ови од Уставен суд и во Центар каде се уште важи мораториумот. Дополнително, налутени се бидејќи државата ќе го добие правото да носи урбанистички планови за објекти од државно значење, без да ги праша граѓаните во населените места кои ќе бидат засегнати.
„Урбанистички план за градби од државно значење – тука спаѓаат национални паркови, заштитени подрачја, се што е поврзано со минерална експлоатација, рудници, каменоломи, термо-минерални извори, хидроелектрани. Она што е најфрапантно за нас е што со новиот закон се наоѓа начин да се заобиколат укинатите ДУП-ови во Карпош и мораториумот во Центар, со тоа што ќе стапи на сила претходниот ДУП во Општина Карпош, а во Општина Центар ќе престане мораториумот и ќе стапат на сила стопираните ДУП-ови ако нема нема нови кои се изготвени“ кажа Татјана Чакулев од О2 Иницијатива.
Владата одговори на обвинувањата на екологистите. Се правдаат дека прават нов Закон, за да ги забрзаат постапките за издавање дозвола за градење. Екологистите се пожалија дека нив никој не ги прашал за мислење, а од Транспорт и врски кажаа дека ги седнале на маса сите институции кои можат да дадат придонес – факултетите, стопанските комори и градежните здруженија. За градежната експанзија во Центар и Карпош одговорноста им ја префрлија на општините.
- Министерството за транспорт и врски изготвува нацрт-верзија на нов Закон за градење со единствена цел да се унапреди градежништвото и градежната дејност на повисоко ниво и да се поедностават процедурите. Во однос на градежното земјиште во Центар и Карпош, надлежностите се во рамки на општините, велат од Министерство за транспорт и врски.
Законот за просторно и урбанистичко планирање бил сменет 26 пати во изминатите неколку години.
Петар Догов