Грчката влада: Нема да се оди по брза постапка за Договорот од Преспа

Грчката влада денеска  соопшти дека нема се оди по брза постапка за Договорот од Преспа.

„Имаме намера да биде информиран и последниот грчки граѓанин за аспектите на договорот; сметаме дека е важно да се одржи ТВ дуел со лидерот на опозицијата; неделните изданија на весниците ќе го објават целиот текст од договорот, се дел од следните чекори на грчката Влада во пресрет на ратификацијата на Договорот од Преспа“, се вели во соопштението од кабинетот на Ципрас

Во соопштението се наведува дека во никој случај нема кришум да донесат договор клучен за иднината на Грција и стабилноста во регионот.

По изгласувањето на доверба на владата на Ципрас се очекува грчката влада Договорот утре да го достави до собраниската Комисијата за надворешни работи и одбрана, а клучна седница за ратификација се очекува да се случи идната недела. Според информациите на Телма тоа би се случило в понедленик или вторник.

Во меѓувреме Преспанскиот договор повторо ја растресе политичката гарнитура во Грција, овојпат заканувајќи се со поделба на партијата Река. Попладнево е закажан состанок на врвот на партијата и на пратениците за утврдување на кончената позиција за Договорот. Потпретседателот на партијата Јоргос Мавротас изјави дека Река не ја сменила својата позиција за Договорот, туку дека пршањето е како тоа ќе биде изразено во гласањето.

„Ќе ги видиме сите избори кои се пред нас. Балансирано да го поддржиме Договорот, а истовремено да не ги одобруваме владините практики”, рече Јоргос Мавротас, потпретседателот на партијата Река.

Дел од пратениците на Река даваат отворена поддршка за Договорот, дел се против, што во грчката јавност се толкува како можност за повторување на сценариото со кое се подели партијата Независни Грци. Засега двајца од пратениците на Река се изрично против Договорот, додека дел поддршката ја врзуваат со одржување на предвремени избори.

Нотата со која земјава вчера ја извести Грција за уставни измени, беше искористена и од Ципрас во обраќањето до пратениците, да каже дека нотата не само што информирала туку и појаснувала.

„Прво, дека терминот „nationality“  се однесува исклучиво на државјанството и не го дефинира или сугерира прашањето на националноста. И второ, дека јазикот на нашите соседи, како што е споменато во Договорот и е признат на конференцијата на ОН во 1977 година, припаѓа на групата јужнословенски јазици“, рече Алексис Ципрас, премиер на Грција.

Споре Уставот на Грција Договорот од Преспа не мора да биде изгласан со мнозинство од пратениците за да стапи на сила, но како што објасни претседателот на Сообранието, Никос Вуцис, тој треба да биде изгласан од 151 пратеник, за доброто на земјата и да се покаже дека такво мнозинство постои, во спротивно би се поставувало прашање на ограничена одговорност во однос на толкувањето на Договорот.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ