
Избега осудениот за обидот за убиство на Села
Избега Никола Војминовски, еден од осудените за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села. Тој требаше да биде во домашен притвор се до правосилност на пресудата, но полицијата го известила кривичниот суд дека тој повеќе не е дома. По ова судот му одреди затворски притвор но кога полицијата ќе го најде и тоа со потерница.
- Надлежната полициска станица која врши надзор над спроведувањето на мерката куќен притвор која му е определена на обвинетиот го извести судот дека обвинетиот не се придружувал до определената мерка. По добиеното известување, Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 донесе решение со кое на обвинетиот му се определува мерка притвор од негово пронаоѓање односно лишување од слобода, а воедно издадена е и наредба за распишување интерна и меѓународна потерница, соопштија од Основен суд Скопје 1
Војминовски е осуден на 13 и пол години затвор што е највисока казна од сите осудени за обидот за убиство на Села на крвавиот четврток. Сепак нему му е одредена мерка домашен притвор при изрекување на пресудата и тоа по негово барање, а со согласност на обвинителството. Тој беше и сведок во најголемиот процес кој се води за настаните од 27 април. Сведочеше дека гледал како дел од обезбедувањето на екс премиерот Никола Груевски и припадници на шестата управа ја насочувале толпата кон прес центарот, но и тоа дека тој заедно со екс министерот Никола Тодоров им помагал на повредените. Во пресудата пак пишува дека токму Војмински заедно со тошта извлекле Села од групата пратеници и го предале на напаѓачите и со тоа овозможиле да биде претепан и да падне во безсознание. Пресудата беше донесена во јули но се уште нема одлука по жалбите на осудените. Инаку ниту еден од обвинетите за обид за убиство на Села не беше опфатен со амнестијата поврзана со „крвавиот четврток“.
Билјана Николовска