
Ивановски: Уставноста на законот прекршена уште со неговото донесување
Законот за употреба на јазиците е првиот закон во независна Македонија, што е објавен и стапува на сила без потпис од претседателот на државата.Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, вели дека во својата 20 годишна судиска пракса, имало неколку случаи, закон да биде потпишан само од претседателот на Собранието, но процедурата никогаш не завршила тука, а Уставниот суд секогаш ги прогласувал таквите закони за неуставни.Таков е примерот со Законот за употреба на знамињата од 1998 година, кој беше укинат од Уставниот суд, затоа што, во отсуство на Киро Глигоров, беше потпишан само од тогашниот претседател на Собрание, Тито Петковски.
Законот, според него е противуставен и затоа што не е донесен со двотретинско мнозинство, што е услов за сите закони што се однесуваат на правата на заедниците.
Поради очигледното прекршување на Уставот во случајов, тој посочи дека Уставниот суд и самиот може да покрене постапка за уставност и законот да биде укинат или времено стопиран, а да биде изготвен нов закон во кој ќе се вградат забелешките и на експертската јавност и на опозицијата, со што би се постигнал и консензус.
Повеќето правници, кои деновиве се огласија на фејсбук, го делат ставот дека уставот е прекршен иако дел од нив и ја оправдуваат постапката.
Законот се` уште не е испратен и во Венецијанската комисија, која треба да се произнесе за одредбите што се однесуваат на униформите и парите, но од владата уверуваат дека наскоро ќе го испратат.
Далиборка Дамјанска Цветановска