
Власта и опозицијата во нова караница
Член 31 во предложениот закон за спречување на корупција предвидува и граѓаните да може да пријават сомнежи дека политички партии нелегално се финансираат, а новата антикорупциска комисија во рок од два месеци ќе мора да ги истражи тие наводи. Ова е една од главните новини во антикорупцискиот пристап кон партиските финансиски активности. Но опозицијата бара промена на членот и забрана граѓаните да пријавуваат партиски дубари- тоа според нив значи можност за нарушување на партискиот рејтинг и политички реваншизам.
ВМРО-ДПМНЕ има поднесено вкупно 37 амандмани. Бараат да не се дозволи антикорупционерите да ги пребаруваат банкарските сметки на функционерите, но и да се намали бројот на членови на комисијата наместо 7 да бидат 5 како што предложи Греко. Власта пак вели дека опозицијата кочи и дека треба да го подржи законот со новите истражни можности на антикорупциската комисија.
Ова беше само почеток, несогласувањата и обвинувањата продолжија на пленарната седница.
На крај сите ги стиснаа зелените копчиња дека има потреба од новиот антикорупциски закон кој во рок од два месеци по третпат се појавува пред пратениците, овојпат со европско знаменце кое треба да го убрза носењето на законот во пресрет на претседателските избори. Интересно е што од втората владеачка партија ДУИ, но и од другите албански партии немаше обраќање што мислат за новите решенија со кои антикорупциската комисија ќе може да ги гледа и истражува и нивните сметки. Веќе десет месеци Македонија нема антикорупциска комисија.
Миомир Серафиновиќ