
Ципрас бара решение за име и за надворешна и за внатрешна употреба
По одвоените средби со грчките партиски лидери, грчкиот премиер Алексис Ципрас имаше обраќање во јавноста. Рече дека е отворена можност за решавање на спорот откако новата Влада на Заев покажа волја да преговара за заеднички прифатливо решение на проблемот што ги влоши односите меѓу двете земји измиинатите 25 години.
Грчкиот премиер им објаснувал на лидерите дека новата Влада во Скопје ја отфрлила иредентистичката реторика на своите претходници, што де факто ги интензивираше преговорите.
Преименувањето на аеродромот и автопатот ги нарече симболични потези кои сепак не го решаваат проблемот.
Ципрас во обраќањето рече дека сака да биде директен и искрен.
“Постигнат е напредок, но има уште многу пат додека стигнеме до заеднички прифатливо сложено име со географска или временска одредница за севкупна употреба. И кога велам севкупна употреба, тоа значи и меѓународна и внатрешна употреба на името“.
За грчкиот премиер решавањето на проблемот не е обврска кон трета страна, туку е долгорочен национален интерес и се разбира за стабилност на Балканот. Затоа на своите политички противници им порача дека тоа не треба да биде предмет на внатрешни политички судири, затоа што “ сите треба да сфатат дека нерешавањето и губењето на шансата за решение ќе биде на штета и на Грција и на стабилноста на регионот“.
Ципрас потсети дека не е случајно што овие 25 години повеќето членки на ООН ја признале земјата под уставното име, а Македонија е содржана и во привремената референца. Оттаму, политичките сили кои ја искористуваат чувствителноста на Грците ги нарече лицемерни.
“Затоа е потребна патриотска подготвеност да се постигне најдобро можно решение, но не е време, а тоа Грците го научија на потежок начин, за националистички изливи и фанатизам“, рече Ципрас во телевизиското обраќање и повика на мудрост, умереност и реализам.