
Европските амбасадори бараат итни реформи
По честитките, следува вистинската работа. Откако Собранието ги усвои уставните измени, многу е важно Владата и целото општество да ги засукаат ракавите за да ги спроведат неопходните реформи, особено оние за владеење на правото и борба против криминалот и корупцијата, порачуваат европските амбасадори. Евроамбасадорот Жбогар на Владата, Собранието и на граѓаните им честиташе на храброста да го променат негативниот курс кој се водел во минатото, а земјата да се постави на вистинската патека кон ЕУ.
„Очекуваме да ја видиме истата посветеност, решеност и искреност во спроведувањето на итните реформи, за граѓаните навистина да можат да ги почувствуваат промените кои долго ги чекаат – промените во владеењето, однесувањето, политиките, судството, јавната администрација. Тие ќе бидат моторот кој ќе го движи развојот во земјата и ќе ја доведе до следната фаза – процес на интеграција во Европската унија, вели Самуел Жбогар, евроамбасадор.
И германскиот амбасадор, Герберих, овој период го оценува како мошне важен, бидејќи со усвојувањето на устаните измени конечно ќе почнат преговорите со ЕУ.
„Владата сега треба да се концентрира на процесот со кој ќе се овозможи создавање на вистинско европско општество, во кое ќе преовладува сигурноста. За ова е потребна храброст, истрајност и политичка визија од сите страни и од целото општетство. Клучен приоритет е реформата на системот на владеење на правото“, вели Томас Герберих, германски амбасадор.
Европа ќе и помага на земјава да ги зајакне институциите за борба против фалсификување на еврото, пред се Одделот за сузбивање на организиран криминал во БЈБ, но и на Народната банка. Министерот Спасовски вели дека ова прашање било една од забелешките во последните извештаи на ЕК за напредокот на земјава.
„Постоењето капацитети за борба против фалсификувањето на еврото е еден од основните предуслови предвидени во поглавјето 24“, вели Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.
Проектот тежи 250 илјади евра, се реализира од ноември лани, а ќе го имплементира германската Бундесбанка.
Нина Нинеска-Фиданоска