
Град Скопје изброи колку дрвја и грмушки има на булеварите и во парковите и изготви зелен катастар
Градските служби ги изброиле дрвјата и грмушките во Скопје. Геодетите го снимиле зеленилото, но само на булеварите и во парковите. За зеленилото помеѓу зградите и околу малите улички надлежни се општините. Податоците од мерењата се собрани во апликација достапна на интернет.
„Ова е едно од 65.000 дрвја коишто се наоѓаат на јавните површини и низ парковите во главниот град. За нив е изготвен зелен катастар. За ова дрво и за останатите се знае какви карактеристики имаат и на кој вид припаѓаат.“
За скопјани е поважно да има повеќе дрвја, а потоа да се прави катастар. Се присетуваат какво било Скопје пред да се направи масовна сеча заради градежната експанзија. Сметаат дека градот има поволна клима за да се засадува зеленило на празните места.
„Има добра клима релативно, дрвјата ќе бидат бели дробови на градот.“
„Илинденска беше позната по добра ладовина во летно време.“
„И Водно како единствена зелена површина, поголема, шумска во градот – и таа се намалува.“
Градоначалникот Шилегов се пожали дека заради проектот Скопје 2014 била исечена огромна зелена површина. Сепак, призна дека и ден денес градот заостанува зад европските метрополи по просекот на дрвја.
„Да, Град Скопје заостанува особено во однос на европскиот просек. За жал, во минатите деценија, деценија ипол, зеленилото секогаш беше жртва на поинаков вид на интереси.“
Граѓанските активисти сметаат дека зелениот катастар е потребен, но предупредија дека се уште треба многу да се работи. Ги повикуваат општините да соработуваат со градските служби и да ги измерат и зелените површини под нивна надлежност.
„Само со комплетен попис ќе има и комплетна контрола на ситуацијата – што се случува во рамките на општините односно во рамките на градот и ќе може да се спречи евентуална злоупотреба и недозволена сеча на зеленилото.“
Во проектот за зелен катастар досега се запишани околу 65.000 дрвја и 28.000 грмушки, на 650 хектари зелена површина. Градоначалникот Шилегов не кажа колку пари се потрошени – пари од кои дел се од градскиот буџет, а дел од донации.
Петар Догов