
Антикорупциска во цајтнот
Уште дваесет дена до датумот кој спикерот Џафери го кажа како термин за распишување на претседателски избори, а од новата Антикорупциска комисија ни трага ни глас. Веќе се изладија и празните фотељи на поранешните членови кои поднесоа оставки поради преголеми сметки за патни трошоци, а нови не се избрани.
Власта ја обвинува опозицијата дека ги кочи измените со амандмани, но од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека забелешките им се според европските сугестии и советите на ГРЕКО. Ниту сме против прегледување на банкарски сметки на функционери ниту против проверка на изборното и партиското финанисрање, но мора да се усогласи со постоечките закони, велат од опозицијата.
На агендата за ова недела нема седница ниту на комисија ниту пленарна седница на која точка на дневен ред е предлогот за новиот антикорупциски закон. Во собраниската служба велат дека законот, сега со европско знаменце, е пристигнат, и ставен на е-парламент, но уште не е утврдено кога и како ќе биде разгледуван.
Власта ја обвинува опозицијата дека го кочи законот затоа што се против новите овластувања на антикорупциската комисија за да може да истражува и банкарски сметки. Со новиот предлог е предвидено новата комисија да има 7 членови иако ГРЕКО, групација на држави за борба против корупција предлагаше дека најдобра солуција е да има само 5-мина стручни членови.
Новите членови не смеат да имаат политичка заднина ниту да биле партиски донатори како што беше дел од старата комисија. Со новиот закон се предлага членовите да поминат и јавно сослушување за да се види дали се бореле против корупцијата и немаат врски со политиката- за што треба дополнително време, кое немилосрдно изминува пред претстојните избори. Македонија нема антикорупциска комисија повеќе од десет месеци.
Миомир Серафиновиќ