
Граѓански организации со боја се спротивставуваат на промената на името
Бојадисани се фасадите на две јавни институции. Викендов со жолта боја беше покриен влезот на зградата на Министерството за култура. Друга боја, црна е истурена врз фасадата на Општина Аеродром, а таа глетка утрово ги дочекала само вработените во локалната самоуправа, но не и градоначалникот Златко Марин кој е на пат во странство. Првиот што бил на работа утрината, во 7 часот пријавил во полиција.
„Општина Аеродром веднаш го пријави вандалскиот чин во полиција. Целосната истрага околу овој случај ја водат надлежните органи. Досега Општината не била цел на вакви или слични инциденти. “
Веднаш по увидот на полицијата, од Општината викнале служба да ја исчисти бојата, но остатоците се уште се на ѕидот. Снимките од безбедносните камери на влезот се кај полицијата и тие ги прегледуваат. Ова е прв инцидент поврзан со општинската зграда на Општина Аеродром која им е седиште од 2015 година. За другиот случај со фрлена боја врз зградата на Министерството за култура, сторителите самите признаа дека стојат зад тоа. Организацијата Млади за Македонија, кои учествуваа на дел од протестите против уставните измени, на Фејсбук се пофалија дека истуриле жолта боја на влезот од Министерството, а лево од вратата со црвено ги напишале и буквите МКД. Објавата им се допаднала на речиси триста нивни следачи на социјалната мрежа.
„Министерството за Култура офарбано во македонските национални бои! Ова е знак дека борбата на македонскиот народ не е завршена, туку борбата сега почнува“!
Случајот бил пријавен од вработен во Култура, во петокот према сабота, половина час по полноќ. Од Млади за Македонија најавија дека на овој начин, со бојадисување, ќе пружат отпор против промената на името.
Петар Догов