
Кировски: Договорот за името има големи шанси да помине и во Грција
Премиерот Алексис Ципрас има големи шанси во среда да добие доверба во грчкиот Парламент, а таа ситуација ќе се преслика и врз гласањето на Договорот од Преспа. Во ова е убеден долгогодишниот познавач на состојбите во Грција, новинарот и главен уредник на „Телма„, Атанас Кировски. Смета дека, излегувањето од владата на досегашниот министер за одбрана, Панос Каменос, и повлекувањето на пратеничката група на партијата „Независни Грци“ од владината коалиција, нема да ја загрози позицијата на левичарскиот политичар иако, теоретски, владата би требало да падне. Од 300 пратеници во грчкиот Парламент, „Сириза„ има 145, а владата обезбеди мнозинство од 152 пратеника со седуммината од „Независни Грци„. Логично е да се помисли дека, сега немаат мнозинство, но во случајов математиката не е едноставна.
Убеденоста кај Кировски е голема и од причина што, за поддршка на владата во Грција се потребни 151 глас, а за Договорот е потребно просто мнозинство од присутните пратеници на седницата. Смета и дека, во Грција нема да има предвремени избори. За него не е изненадување потегот на Каменос, кој четири години беше владин коалиционен партнер на крајно спротивставени идеолошки основи и кој се противеше, новото име да го содржи зборот „Македонија„. Вели дека ова е негов очајнички потег за да опстои на политичката сцена, во што се сомнева.
Мнозинството во Грција е против Договорот што, според Кировски, е повеќе резултат на радикализираната атмосфера од енормниот број на бегалци, на бранот на ксенофобија, национализам и лутина поради осиромашувањето на личен план, катастрофалната економска ситуација, кратењето на платите и пензиите. Но, смета дека е среќа тоа што Грција има левичарски премиер кој има чувство за иднината и кој ќе го спроведе Договорот и против волјата на мнозинството Грци и цехот што ќе го плати на изборите. Со овој Договор, вели, Грција од непријател, се претвора во наш сојузник.
И конечно, Кировски е убеден дека, ова ќе отвори нова страница и во односите меѓу балканските земји, за кои вели дека е време да почнат да се поддржуваат во големите семејства и форуми, наместо постојано да бидат една против друга.
Далиборка Демјанска