
Мицотакис: „Нема да ги поделиме Грците за да ги обединиме Скопјаните“
По позитивниот исчекор кој произлезе од средбата со Заев во Давос грчкиот премиер Алексис Ципрас во домашна турнеја со грчкиот државен и политички врв, во обид да пронајде политички консензус за прашањето со името. Ципрас ги информирал сите политички лидери за средбата, а се сретна и со грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос.
Ципрас му ветил на претседателот на земјата, дека ќе “ги зајакне” напорите за решавање на 27- годишниот конфликт за името, нешто што нема да биде лесно, но доколку не се најде начин да се реши, тоа би довело само до поголеми проблеми за Грција во иднина. Ципрас му најавил на претседателот интензивирање на обидите во периодот што следува.
Грчкиот претседател, говорејќи за Македонија, го споменал иредентизмот како најголем проблем.
„Иредентизмот и елиминирањето на иредентизмот, не е прашање само на Грција, не е тема што ја поставуваме само ние. Треба и нашите соседи да разберат дека е прашање и на Европската унија. Иредентизмот е комплетно спротивен на европското законодавство. Според тоа, било кој тек и до Европската унија поминува преку елиминирање на сите оние иредентистички елементи што постојат во името“. – му рече грчкиот претседател на Ципрас .
Грчкиот претседател додал дека Грција има добри намери, но и дека никој не треба да заборави дека земјата ги брани историјата, меѓународното право и европското законодавство.
Но надежите на Ципрас за обединет грчки фронт наидоа на блокада од претседателот на најголемата грчка политичка партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.
Мицотакис упати остри критики за начинот на кој грчката Влада управува со конкретното прашање. Тој рече дека биле направени отстапки без конкретни и неповратни добивки, а Ципрас, наместо да создаде силен национален фронт, на прво место ја ставил партијата и „на овој начин го затвора прозорецот на можност што околностите го понудија да се искористи“.
Средбата меѓу грчкиот премиер и претседателот на Нова демократија, јавува дописникот на МИА од Атина, траеше 45 минути. Мицотакис си замина без да даде изјава пред премиерската палата. Реши тоа да го стори од неговиот кабинет во грчкиот Парламент
„Начинот на кој се развиваат преговорите предизвикува сериозна загриженост. Владата веќе направи отстапки без да добие конкретни и неповратни размени за нашата земја. Многу сериозниот пропуст на господинот Ципрас, директно и јавно да го постави прашањето за промена на Уставот на соседната земја, како неопходен предуслов за да постојат било какви преговори, ја ослаби националната линија. Фрагментација на решението на поединечни прашања не може да биде прифатена, затоа што директно ги поткопува интересите на Грција“, рече Мицотакис.
Мицотакис додаде дека Ципрас во преговорите влегол без воопшто да обезбеди поддршка од неговиот коалиционен партнер, а најлошо од сѐ, ги поделил Грците.
„Прашањето со Скопје не е само едно прашање во надворешната политика. Се однесува на нашата национална свест, на нашата историја и на крај и на самиот идентитет на Грците. Го повторувам она што го кажав пред неколку дена – Нема да ги поделиме Грците за да ги обединиме Скопјаните“, додаде Мицотакис.
Кусо по изјавата на лидерот на Нова демократија, реагираа и од Кабинетот на Ципрас. Оттаму велат дека било очекувано дека „Мицотакис ќе го избере полесниот пат на неодговорност“. Но, на земјата и треба раководство што ќе прифати да се движи по потешкиот пат за одбрана на националните интереси, а не полесниот, кој води кон ќорсокак.
Серијата брифинзи на Ципрас со други лидери на партиите е во тек и се очекува да заврши подоцна оваа вечер.
Ивор Мицковски