Каменос во обид да ја сруши владата на Ципрас

Македонија добила уверување од грчката влада дека таа останува посветена на исполнување на Договорот од Преспа, откако утрово лидерот на Независни Грци, Панос Каменос соопшти дека тој и партијата се повлекуваат од владата на Алексис Ципрас.

„Ја видов веста за министерот за одбрана на Грција и лидер на Независни Грци Каменос кој ја напушти функцијата министер за одбрана. Имав веднаш потоа кратка коресподенција со мојот колега Јоргос Катругалос и добив уверување дека грчката Влада останува силно посветена согласно со националните интереси на Грција да ја заврши работата со Преспанскиот договор“, рече Димитров.

Димитров се надева дека Грција ќе го заврши својот дел од Договорот и не даде коментар за тоа кои биле идните чекори доколку владата на Ципрас падне и Грција оди на предвремени избори. Извори од владата неофицијално брифираат дека Ципрас има обезбедено 151 глас за изгласување на доверба на неговата влада, но и дека гласањето за Договорот ќе се случи до крајот на јануари.

Политичката драма која изминатава недела се одвиваше околу Преспанскиот договор во Македонија, денеска со сета сила се префрли во Грција со повлекувањето на Панос Каменос во обид да ја собори владата на Ципрас за да не се изгласа Договорот од Преспа. СИРИЗА има 145 пратеници од потребните 151 за доверба. Независи Грци имаат седум пратеници.  Но драмата да биде поголема Каменос не може да смета на повлекување на сите свои пратеници, бидејќи некои веќе му откажаа послушност.

„Ние ќе им кажеме не на тие што остануваат, ако дадеме глас за доверба на владата е исто како да даваме глас за Договорот од Преспа. Секој што ќе направи размена на својата позиција во владата со гласање за доверба ќе биде исклучен од Независни Грци„, изјави Каменос.

Каменос токму поради неизвесноста дали неговото повлекување ќе ја собори владата на Ципрас денеска побара Договорот од Преспа во грчкиот парламент да биде ратифкуван со 180 пратеници и со референдум.

Ципрас по средбата со Каменос изјави дека ја прифатил неговата оставка на позицијата министер и дека ќе прифати и други оставки доколку има, бидејќи Каменос ги повикал сопартијите да го направат тоа. Сепак Ципрас најави дека без проблем ќе оди на процедурата за гласање на доверба во парламентот.

„Решив и го информирав претседателот на Собранието дека ќе одиме брзо со процедурата која ја налагаат нашиот Устав и парламентарните правила за обновување на довербата за мојата влада, со цел да се продолжи со јасно мнозинство кон сите оние избори клучни за нашето општество и нашата земја… Со апсолутна јасност изјавувам дека соочувајќи се со очигледниот национален интерес нема да се вратам, нема да се плашам да се соочам со ризиците и политичката цена„, изјави Ципрас.

Доколку владата на Ципрас го преживее гласањето за доверба, Договорот од Преспа ќе стапи на сила со негова ратификација во двете земји. Шефот на македонската дипломатија за вакуумот кој се прави со најавата дека грчкиот парламент не може истовремено да ги ратификува Договорот и Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО, како што е наведено во спогодбата, рече дека меѓу двете влади најден е начин тоа да биде усогласено.

„Да влезе во сила Преспанскиот договор заедно со двете ратификации од страна на парламентот во Атина и на Договорот и на пристапниот протокол за нашето членство во НАТО и има начин како тоа да се направи“, рече Димитров.

Од она што неофицијално се дознава е дека правниот вакуум ќе биде решен со фуснота, но и оти уставните измени ќе стапат на сила во Македонија по ратификациијата и Протоколот за пристапуавње на Македонија во НАТО од страна на Грција.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ