
Уставните измени денеска ќе се објават во Службен весник
Уставните измени со Договорот од Преспа денеска ќе објавени во Службен весник по што веднаш ќе биде известена Грција.
На потег сега е Грција за целосна имплементација на Договорот од Преспа или како што е наведено во Договорот, се очекува таа веднаш да го ратификува. Грчкиот премиер Алексис Ципрас најави дека штом Македонија ја извести Грција дека нејзиниот дел од обврските е завршен, Договорот веднаш ќе се најде за ратификација пред грчките пратеници. Дека Ципрас има обезбедено 151 пратеник денеска тоа го потврди и поранешниот шеф на грчката дипломатија и лидер на ПАСОК Евангелос Венизелос.
Мислам дека Ципрас беше многу циничен и многу јасен во неговото последно интервју. Очигледно е дека регулирал, направил контакти, го сторил т.н. „грабнување“ на пратеници од Независни Грци, се приклучија и други пратеници од помалите партии, што се без традиција и без вредности, па така има мнозинство и за ратификација на договорот и мнозинство за гласање доверба“, ијавил Венизелос.
Но со усвојувањето не завршува приказната околу Договорот од Преспа, туку започнува процесот на негова целосна имплементација.
Она што претстои по усвојувањето во Грција, како што налага Договорот, е веднаш ратификација на Протоколот за членство на Македонија во НАТО во грчкиот парламент, и Грција да ја информира ЕУ дека дава поддршка за почеток на преговори за членство на земјава во Унија со новото име.
По стапувањето на Договорот во сила Македонија пак е обврзана да ги извести сите меѓународни организации, вклучително и ОН, за тоа и ќе побара од нив да го прифатат употребуваат името и термините утврдени со Договорот. Македонија е обврзана името да го употребува и во домашна комуникација. За важноста на веќе постоечките документи предвидени се два преодни периоди за тоа- технички и политички. Техничкиот преоден период се однесува на сите официјални документи, како пасошите, и материјали на јавната администрација на земјава за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата, како личните карти, и нивната важност ќе се обновува во согласност со името и термините од Договорот, најдоцна во рок од пет години. Политичкиот преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Македонија. Нивнотот менување ќе започне со отворањето на секое поглавје од преговорите со Европската Унија, кои е релвантно за нив, а ќе биде финализирано во рок од пет години потоа.
Македонија според Договорот во рок од шест месеци мора да ги корегира сите спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија кои пртендираат на античката историја и цивилизација, а во ист рок ќе треба да го отстрани од сите јавни места симболот со Сонцето од Виргина.
По стапувањето на сила на Договоро двете земји по цели три децении дипломатските претставништва ќе ги подигнат на ниво на амбасади.
Тамара Грнчароска