Дали децата примиле вакцини со поминат рок допрва ќе проверуваат властите

Расте бројот на вакцини со спорни декларации кои неофицијално биле на располагање во десетина пунктови. 635 кутии од МРП вакцината на белгискиот производител „Глаксо Смит Клајн“ со декларации со поминат рок на траење ги нашле инспекторите при проверки во здравствените установи. Белгијците денес пристигнуваат во Скопје. Треба да се сретнат со министерот за здравство Филипче и да дадат одговор на јавноста за скандалот со декларациите. Во меѓувреме, од Министерството убедуваат дека вакцините имаат рок до мај и јули годинава, а истражуваат што се случило со неточните декларации на пакувањата.

„Направена е внатрешна контрола во сите здравствени домови, при што во вакциналните пунктови пронајдени се вкупно 635 кутии од МРП вакцината, на кои стојат погрешно залепени декларации. Залепените декларации биле од претходниот увоз, кој бил со важност до октомври 2018 година.“

Во меѓувреме, порасна и бројот на заразени со морбили. Два нови случаи се регистрирани денес, повторно во Ново Лисиче. Едно од новозаразените е дете, а другата е мајка на едно од децата од градинката „Сонце“. Со тоа бројката порасна на 24 заразени во епидемијата која трае од 16 декември. Родителите не можат да ги однесат децата во градинка ако не дадат вакцинален картон со кој ќе потврдат дека нивното дете примило доза од МРП. На десет дена до почетокот на новото полугодие во училиштата, министерот за образование Адеми не знае да каже дали ќе преземе и тој радикални мерки и ќе забрани невакцинирани деца да посетуваат настава.

Здравствените власти допрва треба да кажат што се случило со вакцините на „Глаксо Смит Клајн“ од Белгија. Агенцијата за лекови се уште истражува како декларации со изминат рок се нашле залепени на вакцините од кои до вчера се вакцинирале 1700 деца, во екот на епидемијата.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ