Каменос ја чека разврската во Скопје за да реши дали ќе остане во владата

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ја цементираше поддршката за постигнатиот договор за името упатена до грчката јавност, повторувајќи дека  Договорот од Преспа е добро решение. Меркел утрово на средбата со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, повтори дека решението на спорот е добро не само за иднината на Македонија, туку и за Грција и за сите во Европа.

„Ги констатираме храбрите напори од страна на Грција кон соседите во Западен Балкан, придонесот на Грција за да постои заеднички именител, конзистентност, и ова е поврзано со прашањето на Северна Македонија. Резултатот не е добар само за иднината на вашата соседна земја, туку, според моето мислење, добро и за Грција и за сите нас во Европа да постои важна разврска овде, но за тоа предуслов е еден многу храбар пристап“, рече Ангела Меркел, канцелар на Германија.

По вчерашната средбата со грчкиот премир Алексис Ципрас, Меркел денеска оствари средба со лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.

Освен посетата на германската канцеларка во фокус на грчката јавност е и неизвесноста дали помалиот коалициски партнер во владата на Ципрас, Независни Грци, ќе се повлече од владината коалиција и ќе отвори простор за можно паѓање на владата на Ципрас. Но решавачката средба меѓу двајцата партиски лидери Ципрас и Каменос која требаше да се одржи денесека, по вторпат е одложена.

Каменос пред денешната средба на партискиот врв на кој се расправа за идните потези на партијата поврзано со Договорот од Преспа, по која тој требаше да се сретне со Ципрас, соопшти дека средбата со премиерот ќе биде одложена се додека не се реши ситуацијата во Скопје.

„Се додека не се реши блокадата во поранешната југословенска Република Македонија, се договоривме да ја одложиме средбата со премиерот“, изјави Каменос.

Притоа тој информираше дека е во постојан контакт со Ципрас.

Но освен повлекувањето од владата Каменос има можеби поголем проблем да ги консолидира сопствените партиски редови, со оглед дека неколку пратеници од Независни Грци најавиле дека доколку дојде до гласање за доверба на владата на СРИЗА, тие ќе ја поддржат. Со тоа повлекувањето на Каменос од владата може да не се рефлектира и со автоматска недоверба на владата во Собранието.

Каменос утрово во грчкиот парламент одговарајќи на забалешка на пратениците од Нова демократија рече дека не е министер на заминување, ниту ќе поднесе оставка.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ