
Грчката опозиција призна дека Ципрас има 151 пратеник за Договорот од Преспа
Грчкиот премиер Алексис Ципрас веќе има обезбедено 151 пратеник за усвојување на Договорот од Преспа со што го има доведено коалицискиот партнер Панос Каменос, кој се противи на Договорот, во очај. Ова ни повеќе ни помалку го изјави Дора Бакојани, поранешна шефица на грчката дипломатија и сестра на лидерот на опозициската Нова демократија Кирјакос Мицотакис.
Наскоро ќе слушнеме плачлива изјава од министерот за одбрана, бидејќи нема друг избор, нема партија зад себе. Тој е во состојба на очај и на крајот ќе се предомисли, изјави Бакојани.
Каменос вчера беше мета и на Мицотакис кој го обвини дека тој ако навистина сакал да го спречи Договорот од Преспа уште пред неколку месеци ќе ја напуштел владата.
Изјавата на Бакојани уследи по интервју на Ципрас во кое тој најави дека Договорот од Преспа ќе се најде пред грчкиот парламент до крајот на јануари. Според него, доколку Договорот биде усвоен во Македонија до крајот на неделава, очекува македонското МНР најдоцна до крајот на идната недела да го информира грчкото за одлуката и промените на Уставот, по што веднаш за тоа би бил информиран државниот и политички врв на Грвија и Договорот би се нашол пред пратениците.
Ципрас информираше дека гласањето за Договорот и за ратификацијата на протоколот на членство на Македонија во НАТО нема да се случат наеднаш во грчкиот Парламент.
Тоа ќе дојде подоцна, но не многу подоцна, поради технички причини. Не можеме да го донесеме во исто време, бидејќи не можеме да ја ратификуваме интеграцијата во НАТО, ако прво не се ратификува Договорот и тој не стапи на сила. Колку подоцна ќе биде, ќе зависи од процесите во самата НАТО“, изјави Ципарс.
За можноста од предвремени избори во Грција Ципрас соопшти дека и да го загуби мнозинството во Собранието со евентулано повлекување на Независни Грци, нема да има проблем со Уставот кој и дозволува на владата да продолжи со работа, иако призна дека тоа ќе му предизвика политички проблем.
За тоа дали Ципрас ќе го задржи мнозинството и дали Независни Грци ќе останат во владата ќе се знае по неговата утрешна средба со Каменос, иако денеска пратеникот од Независни Грци, Костас Кацакис соопшти дека одлука партијата да се повлече од владата е веќе донесена.
Тамара Грнчароска