
Седум деца на возраст од две години заболени од морбили, сите од градинката „Сонце“
Министерството за здравство известува дека денеска до 13 часот, на Инфективната клиника во Скопје се хоспитализирани 7 (седум) деца на возраст од 2 години. Сите деца се од населбата Ново Лисиче од Скопје, и ја посетувале детската градинка „Сонце“. За сите нови седум пријавени случаи се чека лабораториска потврда. Инаку, досега се заболени вкупно 8 деца од оваа градинка, сите невакцинирани со МРП вакцината, a во групата имало 28 деца сите невакцинирани.
Од 16 декември до денеска (10 јануари) вкупно 22 лица биле хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје. Од нив, 13 лица се уште се хоспитализирани, а 9 се веќе пуштени на домашно лекување. Најмладиот пациент е бебе од 8 месеци , а најстариот има 33 години од Скопје.
Најмногу заболени има во населбата Ново Лисиче (општина Аеродром) – вкупно 9 деца.
Инаку, од вкупниот број заболени, 8 пациенти од Скопје биле со полесна клиничка слика и се на домашно лекување.
Според податоците од Клиниката за инфективнби болести и фебрилни состојби, досега се прегледани околу 30 пациенти за кои се сомневале или потврдиле дека се заболени од морбили.