
Отворена Родителската куќа- дом за родители на деца пациенти на онкологија
Во првата барака до Министерството за здравство денеска е отворена „Родителската куќа“. Наменета е за сместување на родители чии деца се пациенти и примаат терапија на клиниката за детска онкологија. Досега родителите од внатрешноста или спиеја на исти кревети со децата на клиниката или во автомобили на паркинг или пак изнајмуваа станови затоа што терапијата за децата понекогаш трае и по цел месец.
Во куќата има четири апартмани во кои ќе има комплетно уредени бањи. Родителите кои ќе престојуваат во куќата ќе може да ги користат заедничките простории како кујна, трпезарија и дневна соба. За децата кои ќе престојуваат во оваа родителска куќа ќе има посебно опремена соба за едукација и разонода, како и библиотека.
Престојот во куќата и појадокот ќе биде бесплатен, а во куќата ќе може да престојуваат само оние родители кои ќе добијат препорака од одделенските лекари и директорот на Детската клиника, каде се лекуваат децата.
За непречено функционирање на куќата, ќе се грижи Здружението САНО, а Министерството за здравство ја презема обврската околу комуналиите.
-Среќен сум што со „Родителската куќа“ ќе им помогнеме на родителите што не се од Скопје, да имаат топол привремен дом за да можат да им бидат најголема поддршка на своите деца кои се на подолг престој во болница и се борат со канцер на хемато-онколошкото одделение. Нема да дозволам повеќе родителите да спијат кај роднините, по околните подруми во куќите околу клиниките и автомобилите, додека нивните деца се борат за живот. Отсега, тие ќе имаат свој дом, изјави министерот за здравство Венко Филипче, на отварањето на родителската куќа.
Покрај можностите за сместување, на родителите во „Родителската куќа“ ќе им биде овозможена и психолошка поддршка, која е најважна за нив во тие моменти.
-Со гордост можам да кажам дека едно младо здружение кое се грижи за здравјето на децата заболени од малигни заболувања и нивните родители успеа за првпат во Македонија да отвори куќа, во која ќе можат да престојуваат родителите чии деца се на подолг пресот во болница, а не се од Скопје, изјави претседателката на здружението САНО Јелена Димовска.
Министерот изјави дека се размислува и за промена на законските прописи за да се укине плаѓањето или да се намали цената за престој на родители на деца постари од 3 години, кои сега за да бидат покрај своите деца, на клиниките плаќаат помеѓу 800 и 900 денари.