Политички првирања за Преспанскиот договор и во Грција

Зоврива политичката атмосфера во Грција пред конечно усвојување на Договорот од Преспа во Македонија. Раководството на партијата Независни Грци на Панос Каменос  денеска одржа состанок, пред утрешниот на парламентарната група на партијата, на кој треба да се дефинираат следните потези околу Договорот за името, но и консолидирање на партиските редови откако во јавноста излегоа информации дека Каменос не ужива целосна поддршка од дел од пратениците. Медиумите во Грција објавија дека од состаноците не се очекува одлука партијата да се повлече од владата на Алексис Ципрас, за што ќе се чека средбата на Каменос со Ципрас закажана за в петок. Од партиските состаноци се очекува Независни Грци да објават текст кој ќе ги содржи црвените линии на партијата за Договорот од Преспа, за кој ставот на партијата е дека нема да гласа во Собранието. Истовремено Независни Грци денеска објавија нов слоган и лого на партијата во чиј фокус се наоѓаат црвените линии и гласи: „Црвените линии се наша гордост. Црвените линии ја пишуваат нашата приказна. Црвеите линии ги почитуваат нашите предци. Тоа од медиумите веднаш беше протолкувано предизборен слоган, но и порака до Ципрас дека повлекување на Независни Грци од владата е се поизвесно.

Сепак партијата на Каменос и да се повлече од владината коалиција најави дека во Собранието нема да гласа за недоверба на владата на Ципрас.

Во тој случај празнина во грчкиот парлемент до мнозинство за усвојување на Договорот за името, што би го создала повлекувањето на Независни Грци, би ја пополниле пратениците од партијата Потами, кои најавија поддршка за Договорот. Сепак нивната поддршка тие ја условија со предвремени избори во Грција.

Со тоа грчкиот премиер Алексис Ципрас е ставен пред изброт на усвојување на Договорот и ставање на своето политичко конто окончување на деценискиот спор, но распишување на предвремени избори или задржување на власт до редовните избори на есен, но со голем ризик Договорот од Преспа да не добие потребни 151 глас во Собранието.

Ципрас и грчкиот политички врв ги очекува и средба со германската канцеларка Ангела Меркел, која утре и задутер ќе биде во посета на Атина, а чија влада е силен поддршувач на Договорот за името. Иако не е најавено се очекува Договорот за името да биде дел од разговорите на Меркел со грчките политичари, што навестува дека грчката опозиција, но и Каменос ќе биде ставени во тешка позиција да ги бранат своите ставови против Договорот пред  германската канцеларка.

Тамара Грнчароска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ