
ДЗР: Дарувана крв се фрла поради оштетени ќеси и изминат рок на траење
Значителни количини дарувана крв во Институтот за трансфузија завршуваат на ѓубриште поради изминат рок на употреба и оштетени ќеси за чување, констатира Државниот завод за ревизија во извештајот за работата на оваа институција во 2017 година. Несоодветната контрола во системот на прием, обработка и издавање на крвта која се собира од крводарителни акции,според ревизорот предизвикува значителна финансиска штета во работењето на институтот.
„На подрачјето на еден регионален центар утврдено е дека е извршена елмининација на значително количество на крв и крвни деривати во процент кој достигнува и до 263 % во однос на вкупно произведените крвни компоненти. Согласно доставените објаснувања се работи за елиминација извршена поради оштетувања на ќесите како и поради изминат рок на траење иако од истата анализа е видливо дека во рамките на останатите регионални центри овие проценти се значително пониски“, соопштуваат од ДЗР.
Министерството за здравство и Институтот за трансфузија ги демантираат тврдењата на државниот ревизор во однос на квалитетот на ќесите и причините за фрлање на дел од крвните елементи. Даруваната крв се чува соодветно и рационално се искористува но признаваат дека дел од неа се фрла поради кусиот рок за употреба или ако се открие хепатит, ХИВ или сифилис.
- Имаме апсолутно добро организиран систем на чување на крвта.А за квалитетот на ќесите, се користат најсовремените ќеси за чување од најреномиран светски производител, вели министерот Филипче.
„Еритроцитниот концентрат кој има рок од 35 до 42 дена не секогаш во целост може да се искористи до предвидениот рок, а тоа претстувавува проблем и во поразвиените земји.Но и покрај ова се прават напори од Установата во соработка со Црвениот Крст крводарителните акции да се откажуваат, презакажуваат или да се намалат по број на дарување. Останатите продукти како тромбоцитна маса и свежо смрзната плазма се користат во целост, велат од ЈЗУ Институт за трансфузија-Скопје.
Ревизорот забележува и на тоа дека Институтот ангажирал 20-тина луѓе без договор на дело и согласност од Министерството за финансии,во досиејата на вработените недостасувале договори и решенија за работа, за плата, дипломи и лиценци, а неправилности имало и во исплатите на надоместоци за службени патувања, за мобилни телефони,репрезентации и режиски трошоци. Над 300 000 евра биле исплатени за прекувремена работа и дежурства без за тоа да постои документ со кој ќе се оправда потребата од прекувремено ангажирање, туку врз основа на тетратки во кои вработените сами си ги пишувале одработените часови
Директорот на Институтот Садула Усеини уверува дека веќе е изготвен правилник за лимитот на користење на мобилните телефони.Забелешките на ревизорот ќе се коригираат рече тој за Телма но за тоа е потребно и време и дополнително ангажирање на вработените.
Виолета Зајкова Стојановска