Воздржаност пред утрешниот координативен состанок на државно-политичкиот врв

Воздржаност владее пред утрешниот координативен состанок на државно-политичкиот врв. Министерството за надворешни работи соопшти дека утре попладне претседателот Иванов, премиерот Заев, министерот Димитров, лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски и лидерот на ДУИ Ахмети, ќе ја разгледаат иницијалната рамка за решавање на разликата околу името, што ја предложи медијаторот Нимиц во Њујорк на 17-ти јануари.

Владеачката ДУИ од средбата очекува придонес за градење национален политички и општествен консензус за реализација на заедничката геостратешка определба за евро-атлантска интеграција.

Со тоа ја потврдуваат заложбата на Владата за широк национален консензус. Владата соопшти и дека е почнат процесот на анализа и на координација околу рамката на Нимиц.

Од ВМРО ДПМНЕ тврдат дека немаат никаква информација за процесот на преговори. Но, ја поздравија средбата меѓу премиерите Заев и Ципрас, уверени дека директните контакти може да придонесат за градење позитивна клима меѓу двете земји.

Во земјава, нема официјална потврда што содржи рамката на Нимиц и дали вклучува пет евентуални решенија за името на нашата земја. Но факт е дека водвете земји деновиве ќе се водат консултации и координации. Медијаторот лично доаѓа по одговорот на неговиот предлог: прво ќе престојува во Атина на 29 и 30 овој месец, по што треба да го очекуваме во Скопје на 31 јануари и 1 февруари.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ