Мицкоски исвиркан од демонстрантите пред Собранието

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одржа денеска прес конференција пред Собранието каде ги изложи партиските ставови во врска со уставните измени и порача дека ќе го искористи своето демократско право да протестира пред Собранието за тоа што се случува во Собранието. Тој рече дека отпорот е единственото кое што преостанува и ги замоли граѓаните да не подлегнуваат на провокации.

-„Кацарска судството“ и „русковска обвинителството“ се механизми на власта за пресметка и уценување. На референдумот Зоран Заев не доби поддршка за менување на Уставот, тоа го прави на криминален начин преку користење на судството и обвинителството, преку механизми за уцена на пратеници да гласаат. Името не го менуваат граѓаните туку 80 пратеници обезбедени преку уцени и закани. Кај дел од пратениците гласањето е по уцена, а не убедување и волја. Сите тука, медиумите и јавноста, добро знаат за задкулисните игри, уцени и закани кои се одвиваа јавно – порача Мицкоски.

Тој рече дека негова татковина останува Република Македонија, кој и да е исходот од собраниската расправа. Според Мицкоски со уставните измени се нанесува тешка неправда и голема штета.

-Отпорот е она што ни преостанува. Имам да им порачам на граѓаните, јас како еден од вас ќе го користам демократското право мирно и достоинствено да протестирам и пркосам за она што се случува денес и ќе се случува следните денови, тоа ни преостанува. Ве молам од дно на душа да не подлегнувате на провокации и измислени конструкции од полициски структури. Да ни се придружите и да останеме достоинствени, честити иако државата е окупирана од нечестита власт – рече тој.

Мицкоски ја заврши прес конференцијата недозволувајќи им на новинарите да постават прашања, веднаш му се придружи на протестот пред Собранието, но беше исвиркан од другите учесници бидејќи одби да се качи на бината и да се обрати.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ