
Нов aнтикорупциски закон по консултации со ВМРО-ДПМНЕ
Партиите прават нов обид да се усогласат околу Законот за корупција. Партиски извори брифираат дека деновиве ќе има консултации меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за да се утврди дали може да се прифати некој од опозициските 40-тина амандмани, за да се обезбеди консензус. Од Министерството за правда, кое е предлагач на законот, велат дека нема да прифатат ништо што ќе значи ослабување на позицијата на Антикорупциската комисија. Но, отворени се за разговор околу другите забелешки, по што, предлог законот ќе биде испратен во Собрание со европско знаменце, за да се забрза процедурата.
Истовремено, СДСМ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека го кочи изборот на новите антикорупционери и дека целта на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски е да нема силна, независна Комисија, односно, да нема вистинска контрола над корупцијата што тие ја распространија до невидени размери.
- ВМРО-ДПМНЕ бара Комисијата да нема увид во сметките туку тоа да се прави преку УЈП. Овој предлог ја намалува независноста на Комисијата бидејќи таа треба да биде независна институција, а УЈП е дел од извршната власт. ВМРО-ДПМНЕ бара Комисијата да не врши контрола на финансирањето на политичките партии, а токму за финансирањето на оваа партија е отворен случај од страна на СЈО. За да нема сомнежи, ова прашање целосно треба да биде под надлежност на Комисијата, соопштија од СДСМ.
Имаме аргументи во согласност со препораките на ГРЕКО, изјави вчера лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Неговата партија нема намера да го поддржи Антикорупцискиот закон доколку не претрпи измени, заради сомневањата дека се подготвува, како што рече, „нов чадор што подоцна би служел за притисок врз политичките неистомисленици“. За донесување на законот е потребно дво-третинско мнозинство. Власта настојува да го обезбеди, а потоа да се објави оглас за кандидирање, да се избере Комисија за селекција, интервју со кандидатите и ранг листа по која ќе гласа Собранието. Доколку Уставната комисија почне со работа уште оваа недела и доколку не се чекаат последните рокови, Антикорупциската комисија може да почне со работа пред распишувањето на претседателските избори во почетокот на февруари. Има и негативно сценарио: избори без антикорупциски филтер.
Соња Николовска