
Православните христијани го празнуваат Христовото раѓање – Божиќ
Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржаа божиќни литургии. Православните христијани го слават Рождество Христово Божиќ. Во Божиќното послание архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ потсетија на меѓучовечките и меѓународните односи во кои живееме денес.
„И оваа наша генерација треба да се угледа на доблесните наши татковци и дедовци и да покаже достојна грижа за националните вредности и посебности што како народ ни се дарувани од Бога и оставени како аманет од нашите претходници. Да си ги чуваме верата православна и Црквата Светиклиментова, нашето духовно и национално единство, како и нашата татковина Македонија – за и тие да не зачуваат нас“.
Здравје, мир и благосостојба и напредок на државата се желбите на граѓаните и оваа година.
Претседателот Ѓорѓе Иванов кој исто така присуствуваше на литургијата по повод Божиќ во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ им посака на верниците здравје, радост и среќа и да бидат сплотени не само за празниците, туку и во текот на целата година.
Празниците не се само за празнување туку и за потсетување, да не потсетат на сето она што ни овозможило да опстојуваме низ вековиве, да го сакаме почитуваме и чуваме тоа што го имаме, а не тоа што го немаме . Затоа да си ја чуваме почитуваме и сакаме Република Македонија бидејќи неа ја имаме.
Бадниковата вечер и Божиќ се ретка можност за зближување со семејството и пријателите и токму затоа тие имаат посебна важност за многумина, велат граѓаните.
Нина Стефанова