
МЕПСО вработи шестмина стипендисти
Како и многу нивни колеги од студентските клупи, размислувале откако ќе го завршат факултетот, среќата да ја побараат некаде во богатите европски држави. Иако стипендисти на големите енергетски компании, не се надевале дека ќе успеат и да се вработат, не е ни тајна дека партиските и лични релации досега често биле посилен аргумент од трудот, знаењата и стручноста. Сепак, државната МЕПСО реши да ги отвори вратите за шестмина млади електроинженери, нивни, но и стипендисти на ЕЛЕМ и ЕВН. Амбицијата не е секогаш залудна.
Тамара Арминовска ќе му се приклучи на тимот на Операторот на електропреносниот систем за управување со националниот и регионалниот пазар за балансна енергија.
Конкурирав на огласот распишан во октомври и бев посебно изненадена, бидејќи досега не беше во пракса на компаниите да вработуваат стипендисти веднаш по завршувањето на факултетот. Конкретно, јас размислував мојата работа и образованието да ги продолжам во странство, но ова врасботување ја промени таа одлука, и се надевам дека ова ќе го промени размислувањето и на други студенти во нашата држава, вели Тамара Арминовска, стипендист и сега вработена во МЕПСО.
Сите ќе земаат стартна плата од 40 илјади денари. Во странство сумите се повисоки, но за овдешните прилики го сметаат за добра мотивација.
Арди Хамза ќе се приклучи на инженерскиот тим на Одделот за далекуводи. За него е предизвик професионалната кариера да ја продолжи во МЕПСО, иако не крие дека и тој некогаш посакувал да ја напушти земјава.
Како и секој студент, и јас сум размислувал за тоа, но вработувањето тука ми го промени мислењето и сега засега не размислувам за тоа. За нас студентите МЕПСО е компанија каде најдобро може да го видиме тоа што сме го научиле во теоријата, бидејќи тука се најголемите проекти кои ние како инженери можеме да ги видиме реално, вели Арди Хамза, кој бил стипендист на ЕВН, но сега вработувањето го нашол во МЕПСО.
Кога МЕПСО го распишале огласот за 15 електтроинженери и 6 информатичари заради новите инвестиции планирани во трафостаници и далекуводи, се пријавиле дури 240 кандидати. Комисијата решила да им даде шанса и на шестмина млади стипендисти, во чие знаење компанијата вложувала. Програмата за стипендирање, вели директорот Василевски, постои уште од 2012 година, но сега за прв пат такви млади кадри и се вработуваат. Се надеваат дека ќе ги поттикнат и другите државни компании на таков чекор.
Одличен е изборот и од причина што добар дел од нив доаѓале тука и на пракса, ние одлично ги познаваме, колегите знаат за кои деца се работи, ќе бидат од огромен придонес за нас како компанија, бидејќи многу побргу ќе влезат во системот и ќе направиме спој со поискусните инженери, кои ќе помагаат во имплементација на тој инвестициски циклус, вели Сашо Василевски, дитектор на МЕПСО.
Марија Трпевска ќе работи на анализи на мрежата во службата за оперативно планирање.
Секако дека верував дека ќе успеам, бев изненадена кога се вработив. Ова вработување ме мотивиора да останам тука, вели Марија Трпевска, стипендистака на МЕПСО.
Василевски не крие дека партиските, а и други телефони и овој пат звонеле, но ги одвраќал со поговорката дека со струјата се игра само еднаш.
Во нашето секојдневие факт е дека има притисоци од сите страни, илузија би било јас сега да речам дека нема јавувања и слично, но самиот факт дека е потребен квалитетен кадар, бидејќи и самиот ќе влезе во ризик, но и одговорните, така го одолеавме сите јавувања од ХХ фактори, вели Василевски.
МЕПСО ќе ја продолжи програмата на стипендирање и во наредниот период.
Нина Нинеска-Фиданоска