
Катимерини: Скопје ја забрзува ратификацијата на Договорот од Преспа
Скопје ја забрзува ратификацијата на договорот од Преспа, тврди грчкиот весник Катимерини. Според нивни извори, македонското собрание ќе го ратификува договорот еден ден по почетокот на процесот на 10 јануари, затоа што, како што тврди весникот, од расправата ќе се повлечат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Забрзувањето на процесот е во согласност и блиска координација со НАТО и ритамот на кој Алијансата од самиот почеток настојува, пишува весникот.
Добро информирани извори, за Катимерини тврдат дека НАТО сака процесот да биде завршен најбрзо што е можно. Истите извори откриле дека Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг испратил писма до владите во Атина и Скопје во кои бара завршување на процесот до 15 февруари.
Весникот нагласува дека ратификацијата на договорот во Македонија ќе го започне процесот во Атина. Портпаролот на грчката влада изјави дека премиерот Ципрас на 18 јануари ќе ја објави временската рамка за ратификување на договорот во грчкиот парламент. Ѕанакопулос уште еднаш повтори дека во грчкиот Парламент постои мнозинство за ратификација на Договорот од Преспа и објасни дека неколку дена по гласањето, ќе се ратификува и протоколот за влез на Македонија во НАТО. Тој ги демантира шпекулациите и сценаријата дека протоколот за членство на Македонија во НАТО би се ратификувал по изборите во Грција, коментирајќи дека „тие информации немаат никаква врска со реалноста.
Катимерини нагласува дека притисокот од НАТО за побрзо завршување на процедурите е поради очекуваните избори и во двете земји, претседателски во Македонија и парламентарни во Грција.
Игор Трајков