
Додека другите славеа, Александра Ангеловска го роди првото машко бебе во Скопје
На полноќ, додека на плоштадот во центарот на Скопје луѓето си ја честитаа Новата година, во исто време на Гинекологија се роди првото бебе во 2019 година. Само една минута после 24 часот, мајката Александра Ангеловска го роди малиот Ведран. Породувањето поминало во најдобар ред, а мајката не очекувала, но се надевала дека токму нејзиниот син ќе биде првото бебе во новата година.
- Им ја честитам новата година на сите. На сите им посакувам да добијат ваков подарок. Се чувствувам прекрасно, изјави Александра Ангеловска – Мајката на првото бебе родено во 2019 година.
Скопскиот градоначалник Шилегов на мајката освен ваучер од 20.000 денари и подари слатки и големо мече, а тој подарок го посвети на сите деца кои се родиле во првата вечер од новата година.
Според директорот на Гинекологија, лекарскиот тим на клиниката имал тешка ноќ, со доста комплицирани случаи, но сите се завршиле добро.
- Имаме среќна рожба, една минутка после полноќ. Дежурната екипа имаше исклучително тешка работа минатата ноќ, доста комплицирани случаи, но еве мајката Александра Ангеловска роди убаво синче во карлична презентација, скоро 4кг крупно дете, рече Игор Самарџиски – Директор на Клиниката за гинекологија и акушерство.
Освен на Гинекологија, традиционално работно беше и на Токсикологија. Таму 24ца завршиле во алкохолизирана состојба. Најмладиот кого го донеле на инфузија е 15 годишен, а највозрасниот 33 годишен. Вкупно 10 се малолетници. Значително е намален бројот на оние кои користеле наркотици. Најмногу пациенти, 60, на новогодишната ноќ дошле на Ургентен, со полесни повреди од сообраќајки и тепачки.
За разлика од лани, ова година се одржа централна новогодишна прослава на плоштадот Македонија. Главната улога им припадна на хрватските рокери Парни Ваљак.
На полноќ, фронтменот Аки Ракимовски заедно со градоначалникот Шилегов одбројуваа и први им ја честитаа новата година на оние кои дојдоа да се забавуваат на плоштад.
Петар Догов